• недела, 22 декември 2024

Костадиновски: Законодавецот мора да води грижа за правното дејство на одлуките на Уставниот суд и да обезбеди уставно-судска контрола и санкција на сите акти на државната власт

Костадиновски: Законодавецот мора да води грижа за правното дејство на одлуките на Уставниот суд и да обезбеди уставно-судска контрола и санкција на сите акти на државната власт

Скопје, 11 ноември 2024 

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски се обрати на Панелот за „Правно советување за современи теми Одлуки на Уставниот суд vis – a – vis одлуки од редовното судство” на Годишната меѓународна конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”- Скопје. 

Во своето обраќање Костадиновски го постави прашањето за надлежноста на Уставниот суд на Република Северна Македонија наспроти неприкосновеноста на судските одлуки од редовните судови, односно, дали може Уставниот суд  да поништува пресуди на редовните судови, со оглед на  дилемите што ги предизвикува оваа надлежност на Судот и различната уставно-судска пракса.

-Од денот на мојот избор за уставен судија, прашањето пред Судот се има појавено во неколку наврати. Првото соочување со оваа дилема за мене беше во мај 2019-та година, при расправата и одлучувањето за барањето за заштита на слободите и правата од двајца адвокати од Скопје, Павлина Зефиќ и Панче Тошковски дека им се повредени правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија. Со Одлуката со која се утврди повредата, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да поништи и две Решенија од 2018-та година со кое Павлина Зефиќ адвокат од Скопје се казнува со парична казна, во износ од 1000 евра во денарска противвредност и второто, Панче Тошковски, адвокат од Скопје се казнува со парична казна во износ од 1000 евра во денарска противвредност. Во иста насока се и две решенија за истите подносители, изречени од  Апелациониот суд Скопје, во делот со кој адвокатите Павлина Зефиќ од Скопје и Панче Тошковски од Скопје, се казнуваат со парична казна во износ за двајцата од по 500 евра во денарска противвредност. Јас бев застапник на стојалиштето дека, без дилема Уставниот суд ја има таквата надлежност, но дел од судиите сметаа поинаку, а двајца судии го издвоија своето мислење, истакна претседателот на Уставниот суд, посочувајќи дека истата дилема се појавила и во 2023 година при поднесеното барање за заштита на слободите и правата на новинарот од Фокус, Влатко Стојановски.

-Мојот став беше дека Уставниот суд има уставна надлежност и овластување да ги поништува пресудите на редовните судови. За мене како судија е неприфатливо донесување на утврдувачка/деклараторна одлука, без да се одреди правната судбина на поединечните акти со кои истата е сторена. Во тој случај имаме само декларација, декларативна одлука, “да повреда има, но дали последиците од таквата повреда ќе бидат отстранети”, не зависи од Уставниот суд, тоа ќе го цени некој друг, вели Костадиновски.

Земајќи ги предвид надлежностите на Уставниот суд кои се утврдени со Уставот, а операционализирани со Актот на Судот, претседателот Костадиновски смета дека излез од овој правен лавиринт обременет со дилеми и недоречености во легислативата,  може да се бара преку зајакнување на уставно-судската контрола. 

„Законодавецот мора да води грижа за правното дејство на одлуките на Уставниот суд, односно да обезбеди на уставно-судска контрола и на уставно-судска санкција да подлежат сите акти на државната, јавната власт, на еднаков начин, со што би се обезбедило и еднакво правно дејство на одлуките на Уставниот суд. Тоа значи дека Законодавецот кога со законско решение ги уредувал карактеристиките, правната природа и ефектот на пресудите на редовните судови,  морал да води грижа и за уставното барање тие да подлежат на уставно-судска контрола и санкција.

Претседателот Костадиновски смета дека потребно е уредување на неколку процесни закони, понатаму судските одлуки од редовните судови да подлежат на уставна-контрола и следствено на тоа-санкционирање односно поништување на пресудите, кога станува збор за барање за заштита на слободите и правата поднесено пред Уставниот суд. Изрекувањето на санкција–поништување на пресудите, не е во спротивност или противречност на уставното начело за независност на судската власт, ниту на законските определби од Законот за судовите во однос на надлежностите,  правните карактеристики и ефектите на судски пресуди, смета Костадиновски. 

За изработка на овој труд претседателот на Уставниот суд користеше компаративно искуство од регионот, при што подетално е разгледано стојалиштето на Судот во Србија во еден случај од 2012 година во којшто се заклучува дека судските одлуки, не се „недопирливи“ за оценка и ревизија од страна на Уставниот суд. 

Покрај обраќањето на претседателот Костадиновски, на истиот Панел се обратија и судиите проф. д-р Ана Павловска-Данева, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и во дискусијата учествуваа судиите м-р Фатмир Скендер и Елизабета Дукоска. Учеството на уставните судии на Меѓународната конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот Факултет- „Јустинијан Први”  претставува една од активностите со кои се зајакнува соработката меѓу двете институции, која претходно беше официјализирана со потпишување на Меморандум за соработка. Во рамки на истиот Панел учествуваа и професори од Правниот факултет, поранешни професори и експерти од уставното право. 

 

Фото: Уставен суд

Уставен суд на РСМ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан