• недела, 22 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Годишната програма е транспарентна, проектите денес во културата се според квалитет и креативност

Костадиновска-Стојчевска: Годишната програма е транспарентна, проектите денес во културата се според квалитет и креативност

Скопје, 10 февруари 2024 (МИА) - Министерката за културата, Бисера Костадиновска-Стојчевска во Дневникот на „Канал 5“ телевизија на прашањето колку е задоволна од резултатите по Годишните конкурси изјави дека, според извештаите на комисиите кои ги разгледуваа пријавите, во програмата се проекти кои ги исполнуваат приоритетите на распишаниот конкурс.

-Комисиите кои ги разгледуваа пријавите предложија програма која ги содржи начелата на Конкурсот, а кои се однесуваат на креативност, уникатност, нега на традиција, рече министерката за култура.

На прашањето за реакциите по објавата на резулатите, Костадиновска-Стојчевска изјави дека е вообичаено да има различни мислења, но објасни дека Годишните конкурси се за кофинансирање на проектите со кои се аплицира, а не за целосна финансиска поддршка, соопшти Министерството за култура.

-Ништо повеќе не ме чуди, мило ми е дека се занимаваат со Годишната програма на Министерството за култура, затоа што не беше така до неодамна, односно до 2016 година кога се објавуваа нивните конкурси, без суми, не се објавуваа никакви детали, не се објавуваа ниту членовите на комисиите, тоа е видливо, тоа не е нешто што јас го кажувам прв пат, кажа министерката за култура, прашана дека меѓу оние кои реагираа беа и од опозициската партија ВМРО ДПМНЕ. 

Костадиновска-Стојчевска рече дека не ги прифаќа објавите во кои се вели дека се работи за некаков клиентелистички пристап при одлучувањето, затоа што како што рече некои од тие што реагираат се поддржани со 60 проценти од побараната сума.

-Она што исто така нема да дозволам е да се извртуваат одредени детали, како на пример што беше во реакцијата на претседателот на Комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ, дека се доделуваат пари за организација и учество на фестивал во Косово. И многу е интересно, што е тоа што тој не сакал да го спомене, а тоа е дека се работи за учество на пет театри на кои само им се покриваат патните трошоци за да учествуваат на овој фестивал, кадешто учествуваат секоја година, појасни министерката за култура за една од реакциите.

На прашањето за придобивките од донесување на Законот за  употреба на македонскиот јазик посочи дека со ова законско решение се придонесува кон унапредување, заштита и воведување механизми кои нудат унапредување на правилната примена на македонскиот јазик во јавниот сектор и во медиумите.

-Но, една од главните придобивки е што од овој Закон произлегуваат некои предлог законски решенија како што се уредувањето на стипендирање на кадрите кои го студираат македонскиот јазик, поголема застапеност на часовите, односно враќање на фондот на часови по македонски јазик на сите три нивоа, потоа воведување на задолжителна настава по македонски јазик и на академските студии, а голема придобивка е и воведувањето Инспекторат за македонски јазик којшто ќе се формира во рамките на Министерството за култура, изјави Костадиновска-Стојчевска. нд/

Остани поврзан