• петок, 22 ноември 2024

Косовскиот министер за здравство поднесе оставка

Косовскиот министер за здравство поднесе оставка

Приштина, 6 октомври 2022 (МИА) – Министерот за здравство на Косово, Рифат Љатифи поднесе денеска оставка, десет месеци откако ја презеде функцијата од неговиот претходник, Арбен Витиа, кој се повлече поради учеството на градоначалничките избори за косовската престолнина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмената оставка упатена до премиерот Албин Курти, Љатифи вели дека се решил на таков потег „по многу рефлектирање“, додека медиумите напоменуваат дека тој беше еден од најкритикуваните членови на Владата, кому се забележуваше за целосен недостаток на менаџерски активности во здравството.

Досегашниот министер, чија оставка се очекива да биде прифатена од Курти, не наведува конкретен повод за повлекувањето од функцијата.

- Со длабоко разочарување и жалење, по многу рефлектирање во изминатите неколку месеци, ве информирам дека ефективно ја нудам мојата оставка на функцијата министер за здравство на Република Косово од денеска, 6 октомври 2022 година, се вели во писмото на Љатифи до Курти.

Претходникот на Љатифи, Витиа се повлече од функцијата за да учествува на минатогодишните градоначалнички избори,  на кои, и покрај предвидувањата дека како кандидат на владејачкото Движење самоопределување (ВВ) речиси сигурно ќе стане градоначалник на Приштина, загуби од опозицискиот кандидат Прпарим Рама.

По оставката на Витиа, Курти на чело на здравствениот сектор го именува хирургот Љатифи, кој дојде со рејтинг на почитуван хирург и раководител на неколку респектабилни здравствени установи во Соединетите Американски Држави.

Медиумите и дел од јавноста во Косово му забележуваат на Љатифи дека повеќе време поминал надвор од земјата, во службени патувања, наместо да се нафати со решавање на бројните проблеми во косовското здравство, кое, меѓу другото, страда од виден одлив на медицинскиот кадар.

Пред нешто помалку од еден месец, на 14 септември, премиерот Албин Курти, со образложение дека „состојбата во косовското здравство е толку тешка што со неа не може да се справи само ресорното министерство“, одлучи да формира „извршна комисија за здравството“, која што ќе ја раководи тој самиот. Ваквиот потег на Курти во јавноста беше протолкуван како очигледно признавање дека има проблеми во фунцкионирањето на секторот.иа/сд/

Остани поврзан