• четврток, 19 декември 2024

Косово и САД потпишаа договор за заштита на класифицирани информации

Косово и САД потпишаа договор за заштита на класифицирани информации

Приштина, 24 август 2023 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер потпишаа денеска, во името на владите на двете држави, договор за безбедносните мерки за заштита на класифицираните информации, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред медиумите по потпишувањето, Курти изјави дека „концептот на националната безбедност е патоказ на одговорното владеење“.

- Националната безбедност е право и потреба. Тоа се преведува во волјата и обврската на владата да носи одлуки со кои се гарантира независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Таквата заштита на информациите е предвидена со закон и обезбедува заштита сé додека националниот интерес диктира такво нешто, изјави Курти.

Договор, информира Курти, ги предвидува дејствијата на двете страни во однос на загубените информации, начинот на уништување на класифицираните информации и нивното споделување во однос на авторизираните страни.

Амбасадорот Ховениер рече дека овој договор ја унапредува способноста на Косово за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет, преку размена на информациите со САД.

- Овој договор ја гради основата на споделување класифицирани информации во светот на 21-от век. Способноста на партнерите за брзо и ефикасно споделување информации е од витално значење за навремено одлучување. Ова е посебно битно во областите на безбедноста и одбраната. Би заклучил дека овој договор е значаен не само како врв на една двегодишна координација, туку исто така ја претставува цврстата определба на САД за соработка на полето на одбраната со Косово, рече Ховениер. иа/рп/

Остани поврзан