• понеделник, 23 декември 2024

Координативен состанок на општинските власти, Дебарско-кичевската епархија и полицијата во врска со присуството на Лев Тахор во градот

Координативен состанок на општинските власти, Дебарско-кичевската епархија и полицијата во врска со присуството на Лев Тахор во градот
Охрид, 24 февруари 2022 (МИА) – Поради несогласувања заради престојот на припадници на еврејската религиозна група Лев Тахор, синоќа протестен собир одржаа жителите на охридските села Горно и Долно Лакочереј. Сопственикот на хотелот „Прага“, Марјан Јованоски, појаснува дека припадниците на „Лев Тахор“, се привремено сместени во неговиот објект и оти наското ќе си заминат, додека локалното население побара тоа да се случи што поскоро. Во врска со случувањата денеска на иницијатива на градоначалникот, Кирил Пецаков, беше одржана средба на претставниците на село Долно Лакочереј, на Дебарско-кичевската епархија и на СВР – Охрид, во насока на смирување на страстите. - Овие три дена актуелно е присуството на Лев Тахор во градот, со реакции на населението, независно дали со оправдани или неоправдани стравувања. Претставници на полицијата кажаа дека имале уверувања од сопственикот на хотелот „Прага“ дека лицата од групата за две седмици да си заминат. Лично ќе ги посетам и ќе поразговарам со нив и ќе ги замолам да се движат во рамки на сопственоста на хотелот, за да не се создава страв меѓу жителите на Горно и Долно Лакочереј, рече Пецаков. Тој рече дека активностите се во насока да се смири населението, а полицијата е тука да ја гарантира безбедноста. Илче Ристески, претставник на Дебарско-кичевската епархија, рече дека нивна оценка е дека Охрид и околината како туристичка дестинација е посетена од најразлични профили туристи. - Согласно информациите добиени од надлежните служби сметаме дека групата Лев Тахор не претставува никаква опасност по локалното население, нашите верници и нивните верски чувства, рече тој. Илче Настоски, жител на Лакочереј, истакна дека населението на двете села се гостопримливи, но одредени објави по медиумите и социјалните мрежи создале паника кај нив. - Нашата цел не беше ние да ги бркаме луѓето, ги знаеме нивните права и нивните слободи на движење, но стравот не натера да побараме помош од полицијата да спречи какви било религиозни мисии и обреди во нивните села, како и да го исполнат ветеното дека после 14 дена ќе ги напуштат хотелот. Во тие 14 дена никој нема да ги посетува, навредува или омаловажува, рече тој. Согласно договореното со сопствениците на хотелот „Прага“, припадниците на религиозното движење Лев Тахор имат закупено соби во сместувачкиот објект до 6 март, така што се очекува после тоа тие да си заминат. аб/цр

Остани поврзан