Конференција на ИДСЦС: Потребна е подлабока анализа на системот за управување со кризи, но и да се дефинира улогата на општините
- Потребна е една многу подлабока и посеопфатна анализа на правната и институционална рамка на системот за управување со кризи, а во таа рамка да се дефинира и улогата на општините, која сериоз
Скопје, 25 март 2021 (МИА) - Потребна е една многу подлабока и посеопфатна анализа на правната и институционална рамка на системот за управување со кризи, а во таа рамка да се дефинира и улогата на општините, која сериозно недостасува. Општините во земјава не се третираат многу, и за жал нивните потенцијали сеуште не се искористени, меѓудругото и во оваа област.
Ова беше еден од главните заклучоци на вториот дел од денешната онлајн конференција „Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“, во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во своето обраќање на настанот посочи дека токму денес во време на пандемија се забележаа сите аномалии на системот за управување со кризи, иако како што надополни, Градот Скопје во неколку наврати покажа како некои работи може со многу малку ангажман да станат пофункционални и подобри за граѓаните и подобри за справување со кризите.
- Во овие кризни времиња во кои живееме, во услови на светска пандемија, кризите се континуитет. И како такви бараат од нас како институции, бараат од нас како луѓе кои сме на определени одговорности да согласно законите ги извршуваме наши обврски. Меѓутоа, треба да ги приметиме и сите аномалии на системот и да ги сублимираме како такви. Како држава повеќе од една година се справуваме со ковид криза, што толку долготрајна криза во континуитет може да ни покаже кои се аномалиите на самиот систем, рече Шилегов.
Во поглед на институционалното искуство како Град Скопје, Шилегов потсети на подготовка и на уредување на Клиничкиот центар во Скопје.
- Во сериозно краток рок извршивме подготовка и изградба на монтажна модуларна болница, што за нас беше предизвик, и сметам дека во таа фаза успешно се справивме. Но, тука можевме да ги видиме сите аномалии на системот во функционирање, добро е што успеаме да направиме кампус на Клиничкиот центар, кој што сега е инфаструктурно и сообраќајно функционален, и реализиравме проект во кој барем кризни возила, во конкретниот случај возилата за итна помош, не се мешаат со останатиот собраќај, додаде градоначалникот Шилегов.
Според скопскиот градоначалник, стратешко планирање, недостаток на стратегија или на стратешки планирања се причина за многу аномалии за системот. Доколку стратешкото планирање се направи на време, посочи тој, ќе може дел од кризите да се превенираат, или доколку настанат, полесно да се сработат.
Шилегов истакна дека Градот Скопје и општините како единици на локална самоуправа во делот на управување со кризи имаат улога дефинирана во последното законодавство, односно во првани акти кои, како што рече, во чест случај се прилично ограничувачки за единици на локална смаоуправа.
- Решенијата се такви што ја ограничуваат брзината и ефикасноста на функционирањето и на централните институции. Согласно овие закони, ние како Град Скопје имаме редовна обврска да изготвуваме и ажурираме процена на безбедност на територија на Градот од сите ризици и да го подготвиме планот за зашита и спасување на Скопје од природни непогоди и од таа насока ние годишни акциски програми изготвуваме секоја година, рече Шилегов.
Според Шилегов, неопходно е на ниво на држава, на ниво на општество и на различни категории на институции кои партиципираат во овој тип на кризи, да се направи една многу подлабока, многу посеопфатна анализа на правната институционална рамка на системот на управување со кризи и во тие рамки и да се дефинира улогата на општините.
Исто така, потенцира тој, менаџирање со кризи мора да биде предмет на стратешко делување доколку сакаме успешно да ги менаџираме тие кризи и да ги минимизираме штетите и штетните последици од настанување на кризите.
Според Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија, институциите во иднина ќе треба да имаат безбедносни протоколи на појавена пандемија, не во смисла на хигиенски протоколи, туку да имаат намалување на можности за пренос на болести и кога нема да има прогласена пандемија.
- Мора да размислуваме дека многу различни елементи од секојдневното работење на институциите се засегнати од криза, рече Поповиќ во своето денешно обраќање на конференцијата.
Васко Поповски, експерт за кризен менаџмент, на конференцијата рече дека улогата на општините во овој контекст, е на централно ниво затоа што тие се субјекти кои први ќе одговорат на предизиците, но и први ќе превенираат ќе ги ублаажат постоечките и нови ризици.
Според Поповски, главна аномалија е и недоволното финансирање кое доведува до намалена отпорност на единиците на локална смаоуправа.
Финансирањето, како што рече, не само што е недоволно, туку тоа е и реактивно.
- Системот кај нас се уште е реактивен, се уште се базира на примесата на договор наместо да гради превенција и мерки за превенција и ублажување. Еден долар за превенција заштедува седум долари во справување и договор на кризни настани, рече Поповски.
Тој додаде дека финансирањето треба да биде активно, одржливо и да овозможи навистина општината да може да гради механизми и капацитети, да има соодветни ресурси за да одговори во рамките на својата надлежност.
- Трансформација која се обидуваме да ја псотигнеме е вистинскиот момент кога треба да имаме предвид дека досегашниот пристап кон намалување на кризите и катастрофите треба да пристапиме поинаку, да почнеме да ги антиципираме ризици и заканите кои можат да ни се случат, да бидеме насочени кон иднината а не врз она што се случувало во минаттото, бидејќи кризи како оваа ќе се случуваат, а ќе се случуваат и покомплексни кризи ако го имаме во предвид и влијанието на климатските промени или унишувањето на животната средина, додаде тој.
Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес, рече дека нема демократија без развиена локална самоуправа, и локална самоуправа како најблиска власт до граѓаните секогаш најдобро ги знае нивните проблеми и е најзаинтересирана да најде најбрзи и најефикасни решенија.
- Јас како непоправлив поборник за децентрализација на власта во нашата земја, мислам дека не се третираат многу општините во земјава и дека за жал нашата држава се уште нема многу направено за да ги искористи потенцијалите кои ги имаат општините од вкупниот развој на земјава. меѓудругото и во оваа област. За жал ние живееме на Балканот, каде што власта особено парите тешко се испуштаат од раце. Зборуваме цело време но тапкаме во место и се надевам дека овој состанок ќе вроди со добри резултати во нареден период, рече Коцевски на денешната конференција.
Според велешкиот градоначалник, овој концепт сега се состои во расцепканост на институциите и не дава можност да се искористат до максимум ниту човечките ресурси, ниту материјалните ресурси при справување со кризи.
На денешната конференција во првиот дел присуствуваше и претседателот на државата Стево Пендаровски кој посочи дека се уште не се донесени ниту национална, ниту општински стратегии за намалување на ризици од катастрофи. Исто така, зборуваше и амбасдорката на Обединетото Кралство во земјава Рејчел Галовеј, која појасни дека пандемијата не научи неколку лекции, меѓу кои дека локалните власти исто така треба да имаат силни кризни системи кои ќе бидат во можност да одговарат на предизвиците брзо.
Проектот е спроведен со поддршка на Велика Британија, преку Британската амбасада во Скопје. Проектот цели кон зајакнување на стратешкото управување со кризи во осум избрани општини и прикажување на процесот на развој на локални стратешки планови за намалување на ризиците од несреќи и катастрофи. бт/сп/