• петок, 22 ноември 2024

Конференција на гешталт тренинг институтот „Советувалиште за хумана соработка“ за 25 годишнина од неговото постоење

Конференција на гешталт тренинг институтот „Советувалиште за хумана соработка“ за 25 годишнина од неговото постоење

Скопје, 4 ноември 2023 (МИА) - Гешталт тренинг институтот „Советувалиштето за хумана соработка“, денеска во Скопје на конференцијата „Живата соба“ прослави 25 години од своето постоење. Според организаторите, идејата за оваа конференција настанува благодарение на живите соби во кои многумина ги поделиле своите животни приказни и трансформации. 

Во воведното обраќање, Биљана Копрова, специјалист по медицинска психологија, прв гешталт тренер во државата и основачка на „Советувалиштето за хумана соработка“ и Македонската асоцијација за гешталт терапија „Контакт“ даде осврт на историјата на психотерапијата во земјава.

-Денес после 25 години работа можам да кажам дека оваа професија нема работно време. Ние ја живееме нашата професија со нашите клиенти, а живиот контакт е нешто незаменливо. Кога седиме очи во очи со нашиот клиент ниедна теорија не е важна, колку што е важен човечкиот контакт и процесот кој се случува во сигурна и безбедна средина, рече Копрова.

Извршната директорка на „Советувалиште за хумана соработка“, Благица Ваниќ, која е гешталт тренер, терапевтка и супервизорка и Претседателка на Македонската асоцијација за Гешталт терапија „Контакт“ зборуваше за факторите кои помогнале овој институт да постои и денеска.

 -Советувалиштето денеска си изгради своја успешна приказна и имаме можеби најголем број на едуканти досега. Никогаш не сме имале системска поддршка, но ја подигаме свеста, зборуваме за професијата а во сето тоа опстојавме со грижа и поддршка, истакна Ваниќ.

Конференцијата ќе трае два дена, а на неа излагање ќе имаат повеќе гешталт терапевтки кои едукацијата ја завршиле токму во овој институт.

Како што информираат од институтот, утре ќе се одржи промоција на книгата „Живата соба“ од авторките Биљана Копрова и Благица Ваниќ која претставува длабоко истражување на терапевтското патување во кое секоја од двете коавторки носи уникатна перспектива на дијалогот. Промоцијата на книгата е од отворен карактер. сх/вј/

Фото: Гешталт тренинг институт „Советувалиште за хумана соработка“

 

Остани поврзан