• понеделник, 23 декември 2024

Конституирана работната група за изборните реформи

Конституирана работната група за изборните реформи

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а потоа и изготвување на нов изборен законик ќе бидат во фокусот на работната група за реформи во изборното законодавство која се конституираше денеска во Клубот на пратениците.

-Имаме консензус за оваа работна група да ги инкорпорираме сите овие препораки и забелешки од ОБСЕ/ОДИХР. Моделот нас не ни е приоритет, останува само да имаме нов пречистен текст на овој Изборен законик, а исто така да се внесат сите овие забелешки. Ова е првата задача на работната група, а втората е изготвување на нов Изборен законик, изјави министерот за правда Кренар Лога по завршувањето на првата средба на работната група, посакувајќи му успешна работа на Александар Новаковски, експерт и поранешен член на ДИК, кој беше избран за претседател на работната група.

Тој посочи дека во однос на препораките на ОБСЕ/ОДИХР од ВМРО-ДПМНЕ веќе информирале за нивниот став дека ќе ги гласаат овие измени, а во однос на изборниот модел дека ќе бидат земени пртедвид нивните ставови. Лога при тоа уште еднаш упати повик до опозициската партија да именува свој претствник во работната група.

Новаковски изјави дека е оптимист во однос на работата на работната група.

-Јас сум оптимист во начинот на работа бидејќи гледам дека претставници во работната група се лица кои се од оваа област и кои долго време работат на оваа материја и се надевам дека ќе излеземе со предлог и ќе успееме да ги запазиме роковите кои се утврдени со некои европски стандарди, овие измени да бидат имплементирани во еден период од шест месеци пред изборите, рече Новаковски.

ВМРО-ДПМНЕ не делегира свој претставник во работната група. Пратеникот од оваа партија Антонио Милошоски вчера рече дека тие прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повика власта да излезе со решение, по што најави дека опозициската партија ќе се вклучи во утврдување на конечниот текст на изборниот законик.  

-Доколку власта не е подготвена за суштински измени за поголема демократизација на изборниот модел, а измените се однесуваат само на некои технички, важни, но сепак технички забелешки дадени од ОБСЕ и од ОДИХР ги поддржуваме, немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел, рече Милошоски.  

Во работната група покрај претставници на партиите ќе има и членови од МВР, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, МОСТ, Цивил, Полио плус, УВМК, Државен завод за статистика, Централен регистар, Управен суд, Државна изборна комисија, Национален демократски институт, Здружение на новинари на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија. вг/нд/

 

Остани поврзан