• среда, 25 декември 2024

Кондовски: Во Битола ќе отвориме поголеми можности за кариера за младите образовани луѓе

Кондовски: Во Битола ќе отвориме поголеми можности за кариера за младите образовани луѓе
Битола, 29 септември 2021 (МИА) - Технолошкиот парк во Битола ќе даде шанса младите образовани битолчани тука да си го најдат местото, тука да се усовршуваат и во Битола да градат кариера. Многу сум задоволен што за овој проект добив поддршка од ректорската управа на битолскиот универзитет, како и од професори од повеќе факултети, истакна кандидатот на СДСМ и коалиционите партнери за градоначалник на општина Битола, Христо Кондовски, откако денеска оствари средба со универзитетски професори и со ректорот на УКЛО, проф.д-р Сашо Коруновски, претседателот на Сенатот на УКЛО, проф. д-р Пеце Николовски и проректорот за наука проф. д-р Игор Неделковски. - Денеска имавме исклучителна можност и задоволство да поразговаравме со нашиот колега Христо Кондовски, за неговите развојни визии за градот. Особено мило ми е што во таквите визии универзитетот има значајно место. Кандидатот за градоначалник го познавам лично и навистина можам да изразам задоволство дека станува збор за еден исклучителен човек, што тој го потврдува и преку неговите визии и преку денешните разговори за иднината на градот и иднината на универзитетот, изјави по средбата Коруновски, ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Битола. Проректорот за наука Неделковски изјави дека технолошкиот парк е проект кој не само што ќе го стопира т.н. ефект на brain drain, односно исселување на млади, едуцирани личности, туку секаде во Европа и низ светот технолошките паркови, како што рече, се никлуец да им се даде простор на младите образовани луѓе кои својата иднина не ја гледаат во јавниот сектор, туку во основање на високотехнолошки компании кои што пак носат огромни профити и високо платени работни места. - Преку Технолошкиот парк ќе отвориме поголеми можности за кариера за младите образовани луѓе. Горд сум што тоа ќе го направиме тука во Битола и во партнерство на локалната самоуправа, бизнис секторот и универзитетот. Јас се образував на битолскиот универзитет и знам дека истиот има огромен капацитет да вложи енергија, знаење и искуство за да ја поддржи реализацијата на оваа идеја, рече Кондовски. мс/цр

Остани поврзан