• понеделник, 23 декември 2024

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ почнува изградба на уште еден производен погон во Кочани

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ почнува изградба на уште еден производен погон во Кочани
Кочани, 10 ноември 2022 (МИА) – Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани почнува изградба на уште еден производен погон на површина од 3.500 квадратни метри, што ќе се користи за производната програма на кабли и опрема за автомобилската индустрија. Објектот се гради до постојните производни капацитети кај селото Тркање, со што компанијата, која е стопроцентно извозно ориентирана, ќе добие вкупно околу 30 илјади квадратни метри покриен простор, во кој се ангажирани 2.700 работници од Кочани и соседните општини. -Во новиот објект планираме да инсталираме опрема за нови производни процеси и производи поврзани со автомобилскиот дел. Очекуваме градежните работи да завршат до крајот на јуни идната година, а по опремувањето со потребните машини и технологија ќе почне и производството. Сепак, тоа не е единствената инвестиција во текот на оваа година, со оглед што во август веќе се вселивме во нова зграда во која тече производството во секторот за антени за телекомуникациските компании, а од идниот месец ќе почнеме да користиме уште еден објект за сличен производен процес. Без оглед на актуелните политичко-безбедносни, енергетски и слични состојби на глобално ниво, гледаме оптимистички и очекуваме успешно надминување на предизвиците што се пред нас, истакна Сашко Наков, директор на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“. Со отворањето на новите производни погони се очекува идната година, кога „Амфенол Технолоџи Македонија“ ќе ја прослави десетгодишнината од постоењето, со сегашната динамика на вработување да го надмине прагот од три илјади вработени. За дел од нив стручното усовршување се спроведува во компаниите на американскиот концерн „Амфенол“ во Германија, Данска, Србија и другите европски земји. та/сст/

Остани поврзан