• понеделник, 23 декември 2024

Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов, на потег е министерот за правда

Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов, на потег е министерот за правда

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Комисијата за употреба на имиња на личности на денешната седница даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов поднесено од здружението Културен Центар „Иван Михајлов“-Битола, соопштија од Министерството за правда. 

Како што се наведува, заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда, кој ќе треба да донесе одлука врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата.

-Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека именувањето на здружението Иван Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество, стои во соопштението.

Комисијата заседавала во полн состав. Претседател на Комисијата е проф.др Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, а нов член е и Евгениј Литовски-кустос, историчар во Министерството за култура.

Седницата на владината Комисија за употреба на имиња се одржа на последниот ден од рокот кога требаше да се произнесе и да достави став до Министерството за правда во врска со прашањето за преименување на здружението „Иван Михајлов“ од Битола, заради усогласување со измените на Законот за здруженија. 

Од Министерството за правда за МИА вчера изјавија дека Комисијата за употреба на имиња денеска се очекува да го одржи состанокот, укажувајќи дека Министерот за правда целосно ќе ја почитува одлуката на Комисијата.

Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.

Централниот регистар, на барање на МИА, денеска потврди дека до моментов немаат одговор од здружението „Цар Борис Трети“ - Охрид и дека постапката е во тек.

-Централниот регистар ќе достави Информација до Министерството за правда, веднаш по завршување на постапката, наведуваат од оваа институција.

Здружението „Иван Михајлов“ од Битола, пак немаше поднесено барање за преименување.

Според изјавите за јавноста на првиот човек на ова здружение Љупчо Ѓеоргиевски, тие немаат намера да извршат пререгистрација и презеле одредени правни лекови кои им стојат на располагање.

Согласно измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.

Комисијата за употреба на имиња на личности ја сочинуваат пет члена од кои по еден претставник од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца, кои доаѓаат од редовите на МАНУ.  вг/аа/

Остани поврзан