• понеделник, 23 декември 2024

Комерцијална банка нуди 3.200 денари по акција за преземање на Стопанска банка АД Битола

Комерцијална банка нуди 3.200 денари по акција за преземање на Стопанска банка АД Битола

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - Комерцијална банка денеска објави дека нуди 3.200 денари по акција за преземање на Стопанска банка АД Битола. 

Во објава преку Македонска берза, банката соопшти дека од Народната банка и е издадена претходна согласност за стекнување капитален дел од 100 проценти од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. 

-Согласно Глава 6 од Правилата за котација, известуваме за следната ценовно чувствителна информација: Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека Народната банка на Република Северна Македонија на Комерцијална банка АД Скопје и издаде претходна согласност за стекнување на капитален дел од 100% од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Истовремено, Комерцијална банка АД Скопје известува дека согласно Одлука донесена од Надзорниот одбор на Банката, во постапката на јавна објава на понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола, цената на акциите која ќе биде понудена во понудата за преземање изнесува 3.200,00 денари за 1 (една) акција, стои во објавата.

Претходно, Стопанска банка АД Битола сподели дека Управниот одбор на 1 август согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерски друштва добил известување од Комерцијална банка АД Скопје дека има намера да даде понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.лв/са/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан