Колумбиа за МИА: Предлогот за пензионирање на 67 години сеопфатно да се разгледа
- Прашањето за старосната граница за заминување во пензија треба сеопфатно да се разгледа. На лицата над 60 години дефинитивно треба да им се даде можност да бидат активни и да работат, но доколку се здрави и доколку така одлучат, а не задолжително, вели постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбиа, во врска со неодамнешниот предлог на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години.
Скопје, декември 2024 (МИА) – Прашањето за старосната граница за заминување во пензија треба сеопфатно да се разгледа. На лицата над 60 години дефинитивно треба да им се даде можност да бидат активни и да работат, но доколку се здрави и доколку така одлучат, а не задолжително, вели постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбиа, во врска со неодамнешниот предлог на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години.
-Најважно е тоа да биде незадолжително. Затоа што во моментов не сум ниту сигурна дали луѓето на 67 години во Северна Македонија денес се и здравствено способни да продолжат да работат на ист начин како што работеле претходно. Затоа велам дека ова прашање треба сеопфатно да се разгледа и дефинитивно да се даде можност на лицата на возраст над 60 години да бидат активни, да бидат здрави и да можат да работат, ако така одлучат, нагласува таа.
Колумбиа вели дека во моментов земјава се соочува со втора дивиденда.
-Тоа се нарекува втора демографска дивиденда, луѓето живеат подолг живот и можат подолго да придонесуваат за пазарот на трудот, за економскиот развој на земјата. Така што, предлогот за пензионирање на 67 години, не знам дали ќе функционира добро, но она што би рекла е дека инвестирање во луѓето постари од 60 години дефинитивно ќе донесе економска дивиденда. Затоа што ако населението постаро од 60 години, не би требало да речам постаро, и јас сум скоро на таа возраст, значи лицата на возраст над 60 години, ако се поздрави, ако имаат активен живот, ако сакаат да продолжат да работат, можеби не како втора кариера, но би можеле да започнат мал бизнис, на пример, ама тоа да биде по сопствен избор, нагласува таа.
Во интервјуто со Колумбиа разговаравме за кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која е во тек, за состојбата со родовата еднаквост во земјава, за фемицидот, за законските измени во таа насока и дали тие се доволни, како и за начините за справување со негативниот природен прираст.
Видео интервјуто со постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбиа во целост ќе биде објавено утре. ац/лв/