• понеделник, 23 декември 2024

Коломина: Северна Македонија има стабилизирачка улога, и билатерално и мултилатерално

Коломина: Северна Македонија има стабилизирачка улога, и билатерално и мултилатерално

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) – Северна Македонија од нејзиното зачленување во НАТО ги потврдува своите заложби за почитување на вредностите што ги промовира и застапува Алијансата. Таа е почитувана членка која придонесува за безбедноста на регионално ниво , но и посветен сојузник што ги почитува целите и споделените заеднички вредности. Тоа меѓу другото го изјави заменик-помошникот генерален секретар за политички прашања и безбедносна политика на НАТО и специјален претставник на Генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија Хавиер Коломина на денешната прес-конференција по средбата со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

Коломина пред медиумите истакна дека од зачленувањето Северна Македонија ја докажала својата подготвеност во рамки на меѓународната заедница да се продолжи да се работи на воспоставување стабилност онаму каде е потребно, притоа посочувајќи ги и регионалните безбедносни предизвици.

- Од стратешка важност е зачувувањето на стабилноста на регионот. За тоа ќе зборуваме и на состанокот на МНР предвиден за крајот од ноември...Таму уште еднаш ќе подвлечам  дека и мултилатерално и билатерално Северна Македонија има стабилизирачка улога, рече тој.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од своја страна, посочи дека со претставникот на НАТО имале продуктивен разговор фокусиран врз безбедносните состојби во регионот,  при што била истакната согласност за потребата од синхронизирано делување на НАТО, но и на ЕУ на овие простори, со цел забрзување на процесите за регионална евроатлантска интеграција.

Според Османи, таквиот чекор е клучен за зајакнување на регионалната стабилност, а тоа, како што посочи, ќе го спречи делувањето на трети земји во регионот.

По однос тригодишното членство на Северна Македонија во НАТО, Османи рече дека во тој период земјата докажала дека е кредибилен и одговорен сојузник насочен кон промовирање на регионалната и меѓународната безбедност.

Османи уште рече дека Северна Македонија останува посветена на политиката на НАТО на отворени врати и во тој контекст очекувања за брза ратификација на пристапниот протокол на Шведска што ќе го отвори патот за нејзино полноправно членство во НАТО. 

-Сметаме дека проширувањето на НАТО не претставува закана за ниту една земја,  напротив – е насочен кон инклузивна соработка и стабилност на трансатлантскиот регион, рече Османи. аб/лв/
фото/МИА

 

 

Остани поврзан