Колева: Во март ново зголемување на минималната плата и покачување на пензиите
- Денес во собраниска процедура влегува Буџетот за 2023 година. Буџетот е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза за што се предвидени 250 милиони ев
Скопје, 23 ноември 2022 (МИА) - Во собраниска процедура денеска влегува Буџетот за 2023 година. Буџетот е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза за што се предвидени 250 милиони евра. Веќе во март следната година ќе имаме ново зголемување на минималната плата и ново покачување на пензиите, изјави денеска пратеничката од редовите на СДСМ Даниела Колева на прес-конференција во Собранието.
- Овој најважен документ за македонската економија е прв буџет усогласен со новиот Закон за буџети. Буџетот е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза за што се предвидени 250 милиони евра. Приходите во споредба со 2022 година се зголемени за 14,8 посто додека дефицитот се намалува на 0,7 процентни поени во однос на проекциите за 2022 година, информира Колева.
Како одовор на последиците од кризата, но и за унапредување на животниот стандард на граѓаните, како што рече, се зголемуваат средствата за исплата на плати, пензии и социјални трансфери.
- Седумдесет и пет милијарди денари или 10 отсто повеќе се зголемуваат средствата за исплата на пензии, додека 12,5 милијарди денари се предвидени за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите катеогрии граѓани. Обезбедени се дополнителни средства за усогласување на платите со минималната плата во текот на слендата година согласно новата методологија. Веќе во март следната година ќе имаме ново зголемување на минималната плата и ново покачуивање на пензиите, најави Колева.
Во Буџетот, дополни таа, не се занемарени ниту капиталните проекти кои се на ниво од близу 800 милиони евра или за околу 52,3 проценти повисоки во однос на проекцијата за 2022 година.
- Буџетот за 2023 година е развоен и обезбедува услови за зголемен економски раст кој во следната година според проекциите на ЕБОР треба да изнесува 2,3 отсто што е повеќе во однос на проекциите за растот во земјите на еврозоната кој исто така според ЕБОР е проектиран на 0,3 отсто. Повикуваме сите пратеници низ конструктивна и аргументирана дебата да го поддржат Буџетот за 2023 година кој е во интерес на граѓаните и македонската економија, нагласи Колева.
Одговарајќи на новинарско прашање, Колева посочи дека до крајот на оваа година очекуваат поголем процент на реализација на капиталните проекти.
- Со оглед на тоа што се зголемени приходите во првите три квартали во споредба со минатата година, заради тоа имаме поголеми приходи. За следната година се проектирани поголеми суми и поголем број на инвестиции и капитални проекти, рече Колева. мс/са/