• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски со Рено-Басо: Продолжува поддршката од ЕБОР за Северна Македонија, во фокусот проекти од инфраструктурата и енергетиката

Ковачевски со Рено-Басо: Продолжува поддршката од ЕБОР за Северна Македонија, во фокусот проекти од инфраструктурата и енергетиката
Скопје, 28 февруари 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со заменик-претседателот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска во Лондон оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо, во рамките на Инвестицискиот самит за Западен Балкан. Како што соопшти прес-службата на Владата, Ковачевски како исклучително позитивна ја оцени соработката со Европската банка за обнова и развој, со која Северна Македонија е партнер речиси 30 години и во која од 1993 година и до денес банката има одобрено суштински проекти во јавниот и приватниот сектор кои се од огромно значење за животот на граѓаните. На средбата било нагласено дека потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Владата на Северна Македонија и ЕБОР во ноември 2020 година, претставува значаен чекор напред во рамките на нашата соработка, со што се препознава процесот на пристапување на земјата во Европската Унија преку комбинација на инвестиции и техничка помош. - Напредокот на Северна Македонија во европските интеграции беше видливо поддржан од ЕБОР, рече премиерот Ковачевски и потенцираше дека од посебно значење е поддршката на ЕБОР во наредниот период во инвестициите поврзани со природен гас и учеството на банката во прекуграничната гасна интерконекција со Грција, Косово и Србија, како и цевководи за пренос на природен гас за магистралните гасни коридори Св. Николе-Велес и Гостивар-Кичево, се вели во соопштението. Ковачевски на средбата ја поздравил одлуката на ЕБОР од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за кофинансирање на источниот дел на железничкиот Коридор 8, последна делница Крива Паланка – граница со Бугарија. - Овој проект е еден од најголемите приоритети на Владата, имајќи предвид дека е клучен дел од неодамнешните разговори со бугарската страна, односно е стратешки проект на кој активно работи билатералната работна група во транспортниот сектор, рече Ковачевски. Премиерот Ковачевски ја запознал претседателката на ЕБОР Рено - Басо со Планот за стратешки инвестиции 2021 – 2027 кој има за цел да го поттикне долгорочното закрепнување, насочено кон клучни продуктивни инвестиции и одржлива инфраструктура, особено во областите на зелена и дигитална транзиција, конкурентност на приватниот сектор, зајакнување на иновациите и развој на основните социјални сектори, како и за зајакнување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ. - Претседателката на ЕБОР Одил Рено - Басо ја поздрави лидерската улога што Северна Македонија ја има во регионалната соработка и додаде дека поврзувањето на земјите од Западен Балкан е од витално значење за економските перспективи и политичката стабилност на регионот, наведуваат од владината прес-служба. мс/дма/

Остани поврзан