• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Со дијалогот со бизнис-заедницата и со граѓаните ќе ја надминеме и оваа криза како победници

Ковачевски: Со дијалогот со бизнис-заедницата и со граѓаните ќе ја надминеме и оваа криза како победници
Скопје, 16 март 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на настанот „Тркалезна маса – дискусија меѓу бизнисмените и владините претставници“, по покана од Стопанската комора на северозападна Македонија. На настанот учествуваа и првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменичката претседателка задолжена за добро владеење Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како и членови на управниот одбор на комората и претставници на компаниите членки на оваа деловна асоцијација. - Дијалогот меѓу владините институции и бизнис заедницата во време на сериозна глобална економска криза е неопходно и секогаш добредојдено. Ние, тој дијалог го започнавме уште на самиот почеток, не на оваа, туку со претходната Влада како суштински, а не монолог. Низ таков дијалог успеавме да излеземе како победници од кризата со коронавирусот и со помош на сите ваши мислења ќе излеземе како победници и од оваа енергетска и воена криза која е предизвикана од нападот на Русија на Украина, истакна Ковачевски во своето обраќање. Компаниите членки на Стопанската комора на северозападна Македонија, Ковачевски нагласи дека имаат значајно место во економскиот потенцијал и раст на државата и оти тоа е видливо преку нивните перформанси во текот на периодот пред, за време и после пандемијата. -Во време на криза компаниите на Стопанската комора на северозападна Македонија остварија приходи од над 73 милиони евра, беа вработени над 9.400 лица и се реализираа инвестиции од над 74 милиони евра што се резултати за почит. Тие трендови влијаеја и на порастот на БДП во 2021 година којшто претставува добра основа за 2022 година, додаде премиерот. Во рамки на новата криза предизвикана со војната во Украина, Ковачевски нагласи дека Владата подготви пакет од 26 мерки, вреден 400 милиони евра, односно 615 милиони евра со другите антикризни мерки од изминатиот период, што претставува висок буџетски придонес наменет за граѓаните и за стопанството. Најголем дел од овие мерки се проектирани преку Развојната банка на Северна Македонија (РБРСМ) и преку комерцијалните банки. Преку РБРСМ Ковачевски појасни дека ќе се поддржи ликвидноста на компаниите преку субвенционирање на каматната стапка од страна на државата и со финансиска поддршка преку директно кредитирање на компаниите преку оваа банка, а предвидена е и финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства. - Оваа мерка ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2 – 4 проценти годишно, а крајните корисници би користеле кредити за обртни средства без каматен трошок, додаде претседателот на Владата. Ковачевски во своето обраќање информираше и за активирањето на средства за користење на Гарантниот фонд преку Развојната Банка на Северна Македонија за мали микро и средни претпријатија за гарантирање до 50 проценти од кредитот доколку се работи за основни средства, и до 80 отсто доколку се работи за обртни средства, а предвидени се и индивидуални гаранции до 50 проценти во зависност од износот на кредитот. Дел од поволните кредити се наменети за поддршка на инвестициите во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија за што веќе се завршени преговорите со Европската инвестициона банка за зелена транзиција и преку Европската банка за обнова и развој, како и со програмата на ОН за развој (УНДП), преку комерцијалните банки да бидат пласирани кредити со поволни каматни стапки за енергетска трансформација на компаниите. За поддршка на овие мерки, Ковачевски посочи дека државата има стабилен и комплетно ликвиден буџет, како и потврден кредитен рејтинг од страна на сите рејтинг агенции и меѓународните финансиски институции со кои се во постојана комуникација. Тој додаде дека прибирањето на даноците е на повисоко ниво од изминатите две години, па дури и од 2019 година којашто е предкризна година. - Во однос на комуникацијата со НБРМ, и таа се одвива на дневна основа, денарот е стабилен. Државните резерви се на највисоко ниво, а банкарскиот систем е исклучително високо капитализиран што овозможува да на долг рок ја одржиме нашата основа на финансискиот систем, а тоа е стабилен денар којшто е врзан со еврото и за тоа не постојат никакви проблеми во овој момент, информираше Ковачевски. Тој потсети и дека во моментов имаме најниски цени на горивата во целиот регион, најниска цена на електрична енергија, како и стабилни и одржливи цени на прехранбените производи со стабилно и редовно снабдување. На крајот од своето обраќање, премиерот Ковачевски потенцираше дека Владата будно ги следи сите движења коишто се случуваат на светскиот пазар и на полето на безбедносната ситуација во Украина и како земја со јасна ориентација во евроатлантските интеграции се носат одлуки за да му се помогне на украинскиот народ и држава, и што побргу да се запре војната и да се нормализираат односите во светот во интерес на сите граѓани. ки/дма/

Остани поврзан