• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски на Самитот за Западен Балкан во Берлин

Ковачевски на Самитот за Западен Балкан во Берлин
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) - Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска учествува на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во рамките на Самитот за Берлински процес, што на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц се одржува во Берлин. Во состав на владината делегација ќе бидат вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Како што соопшти Кабинетот на Шолц, на Самитот во Берлин најавено е учество на шефовите на владите на шесте земји од регионот на Западниот Балкан, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, поранешните домаќини на самитите на Балканскиот процес, како и на претставници на членки на ЕУ од регионот и на регионални и меѓународни организации. Предвидено е на самитот да се одржат неколку сесии на кои премиерот Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, БиХ, Косово, Србија и Црна Гора, ќе дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања. За време на Самитот ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите по медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти меѓу земјите во регионот. Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската Влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан. По тој самит во Берлин, домаќини беа Виена во 2015 година, Париз во 2016 година, Трст во 2017 година, Лондон во 2018 година, Познањ во 2019 година и Софија во 2020 година. Целта на Берлинскиот процес е зајакнување и унапредување на соработка помеѓу шесте земји од Западниот Балкан со поддршка на Европската Комисија, во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебно признавање на професионалните квалификации и слободно движење на луѓе и стоки, со цел да се придонесе за забрзан регионален економски раст и развој на регионот и негова интеграција во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, како основа на одржливиот развој на регионот. Како дел од Берлинскиот процес, секоја година се организираат серија состаноци на претставници на политиката, бизнисот и граѓанското општество. Оваа година на 20 октомври се одржа состанок на министрите за внатрешни работи, а на 21 октомври и на шефовите на дипломатите. На двата состанока, кои исто така се одржаа во Берлин, покрај претставниците на шесте земји од регионот и на Европската комисија и меѓународни организации, присуствуваа и министри од Австрија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска и Чешка. сп/са/

Остани поврзан