• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски од Крива Паланка: Државата и граѓаните ги чувствуваат придобивките од државничките одлуки на СДСМ

Ковачевски од Крива Паланка: Државата и граѓаните ги чувствуваат придобивките од државничките одлуки на СДСМ

Крива Паланка, 29 октомври 2022 (МИА) - Не треба да се навраќаме многу наназад, само во изминатите неколку дена, целиот наш народ, сите граѓани директно ги почувствуваа придобивките од работата предводена од СДСМ и можеа да видат каков резултат носат овие државнички политики на оваа партија. Се изборивме, македонскиот идентитет, македонскиот јазик да е признат и потврден и во Европската унија, еднаш, засекогаш. Историски исчекор направивме, го потпишавме договорот со Фронтекс, првиот документ со Европската унија на официјален македонски јазик, чист, без фусноти, без ѕвездички и додавки, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашната партиска трибина во Крива Паланка.

Порача дека неговата визија за земјава е заедно со граѓаните да изгради економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ.
- Знам дека патот кон ЕУ нема да биде лесен, но на крајот од тој пат е големата награда. Со крената глава, горди и достоинствени да бидеме дел од Европската унија, македонските деца дома да ја градат иднината, а нашиот народ, сите наши граѓани, да бидат сигурни и со подобар животен стандард, рече Ковачевски.
Повика на обединување околу европскиот концепт и порача дека на парламентарните избори во 2024 година, коалицијата предводена од СДСМ ќе биде победничка.

Зборувајќи за однесувањето на опозицијата, Ковачевски рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не покажал државнички капацитет и не смогнал сили ниту да им се извини на граѓаните за лагите, ниту да честита за државничкиот успех.

- Сите, буквално сите нивни лаги и манипулации се потонати во вода и затоа сега никаде ги нема. Немаат доблест ниту да му честитаат на народот, на граѓаните за овој успех. Ама сигурно ќе ги видиме пак кога ќе смилсат нови лаги или нови обиди како да ја закочат државата, рече Ковачевски.

Говореше и за тоа дека запоставениот Североисточен регион, сега се гради и развива.

- Од најзапоставен, денес е регион кој е најактивен, доживува градежна, културна, економска и социјална експанзија. Се гради експресниот пат Крива Паланка-Ранковце, дел од Коридорот 8, во вредност од 60 милиони евра. Но, има и многу други проекти кои ги реализирме со поддршка на владата. Како магистралниот пат Куманово Страцин, вреден 12 милиони евра, реконструкцијата на стариот пат од Крива Паланка до Ранковце, третата лента од Крива Палнака до Деве Баир, проект вреден над 10 милиони евра. Обновена е градинката, Центарот за култура, рече Ковачевски.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека доказ дека СДСМ е партија која ги исполнува ветувањата, е тоа што околу и во Крива Паланка интензивно се гради. ид/бак/

Остани поврзан