Коалицијата која ја поддржува Украина со беспилотни летала ќе испрати во земјата уште 30.000 дронови
- -Храброста на украинскиот народ продолжува да го инспирира светот, а средбата во Рамштајн со претставници на повеќе од 50 нации испраќа јасна порака до рускиот претседател Владимир Путин, рече Хили.
Лондон, 9 јануари 2025 (МИА) - Меѓународната коалиција за снабдување на Украина со беспилотни летала, заеднички предводена од Велика Британија и Летонија, ќе испрати 30.000 нови уреди во Киев, соопшти денеска британското Министерство за одбрана.
Групата, формирана на почетокот на 2024 година, издвои 45 милиони фунти (54 милиони евра) за набавка на беспилотните летала, се наведува во соопштението.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили ова го изјави во американската база во Рамштајн, Германија, каде што се одржа средба на украинските сојузници со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Храброста на украинскиот народ продолжува да го инспирира светот, а средбата во Рамштајн со претставници на повеќе од 50 нации испраќа јасна порака до рускиот претседател Владимир Путин, рече Хили.
Британските власти објавија дека шест земји, меѓу кои Германија, Португалија и Данска, дале нови придонеси во Меѓународниот фонд за Украина во вкупна вредност од 190 милиони фунти (227 милиони евра).
Фондот, што има за цел да ги задоволи потребите од оружје на властите во Киев, сега располага со повеќе од 1,3 милијарда фунти (1,55 милијарда евра).
Коалицијата за снабдување со дронови ја сочинуваат Велика Британија, Данска, Холандија, Летонија и Шведска.сд/