• петок, 22 ноември 2024

Коалицијата „ГЕРБ-СДС“ е победник на изборите во Бугарија, со речиси два отсто поголема доверба од „ПП-ДБ“

Коалицијата „ГЕРБ-СДС“ е победник на изборите во Бугарија, со речиси два отсто поголема доверба од „ПП-ДБ“

Софија, 3 април 2023 (МИА) – Во Бугарија попладнево заврши обработката на сите протоколи на Секторските изборни комисии во Регионалните изборни комисии (РИК) за вчерашните парламентарни избори, соопшти Централната изборна комисија (ЦИК) на својата Интернет-страница, а победник на овие петти избори во последните две години е коалицијата „ГЕРБ-СДС“,  предводена од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.

Според податоците на ЦИК, коалицијата ГЕРБ-СДС освоила  669.361 глас или 26,51 отсто од избирачите кои го остварија своето право на глас, а потоа следи коалицијата „Промените продолжуваат (ПП) - Демократска Бугарија (ДБ)“ со 619.592 гласа или 24,54 отсто.

На трето место е „Преродба“ со 357.167 гласови или 14,15 отсто, а на четврто е „Движење за права и слободи“ со 346.437 гласови или 13,72 отсто. „БСП за Бугарија“ го зазеде петтото место со 225.814 гласови или 8,94 отсто, а зад неа, како шеста партија која ќе влезе во новиот бугарски Парламент, е партијата „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов со 103.641 глас или 4,11 отсто.

Партијата „Бугарски подем“ со 77.804 гласови или 3,08 отсто и „Левица!“ со 56.453 гласа или 2,24 отсто остана под цензусот за влез во парламентот - четири отсто.

На овие избори 108.842 избирачи се одлучиле за опцијата „Не поддржувам никого“ .

Излезноста на вчерашното изјаснување во Бугарија беше 40,63 отсто. сд/

Остани поврзан