КК Пелистер дел од квалификациските групи од ФИБА Лига на шампионите
- Кошаркарскиот клуб Пелистер ќе биде единствениот македонски претставник на утрешното извлекување на квалификациските групи од ФИБА Лигата на шампионите што ќе се одржи во Олимпискиот музеј во Лозана
Миес, 1. јули 2025 (МИА) – Кошаркарскиот клуб Пелистер ќе биде единствениот македонски претставник на утрешното извлекување на квалификациските групи од ФИБА Лигата на шампионите што ќе се одржи во Олимпискиот музеј во Лозана. Покрај квалификациските групи ќе бидат одредени и групите од регуларниот дел.
Во квалификациите се пријавени 24 екипи, кои ќе бидат поделени во три групи од осум екипи и ќе се игра по принцип на елиминации (четвртфинале – полуфинале – финале) и само победникот ќе избори пласман во регуларниот дел каде веќе се пласирани 29 екипи и 32-те екипи потоа ќе бидат поделени во осум групи под четири екипи.
Трите квалификациски турнири ќе се играат од 23 до 28. септември, а битолчани имаат надеж дека можат да бидат домаќини – организатори на еден од турнирите.
Македонскиот претставник ќе биде во вториот или третиот квалификациски турнир. Извлекувањето на групите ќе ги дочека од четвртиот натпреварувачки „шешир“, заедно со екипите на Порто (Португалија), ПГЕ Старт Љублин (Полска) и СЦ Дерби (Црна Гора).
Во третиот „шешир“ се екипите на Елан Шалон (Франција), Брауншвајд (Германија), Јувентус Утена (Литванија) и Антверпен (Белгија).
Во вториот „шешир“ се поставени: Бурсаспор (Турција), Орадеа (Романија), Фрибург Олимпик (Швајцарија) и Карху Баскет (Финска), додека во првиот „шешир“ се: Фалко Шомбатели (Унгарија), Реџана (Италија), ПАОК (Грција) и Мурсија (Шпанија).
Како носители се поставени шампионите на осум држави: Бакен Беарс (Данска) и Патриоти Левице (Словачка) кои се во првата група, потоа Ден Бош (Холандија) и Калев/Крамо (Естонија), Рилски Спортист (Бугарија) и Трепча (Косово), односно Кутаиси 2010 (Грузија) и АЕК Ларнака (Кипар).
Извлекувањето е закажано за утре (среда) во 12 часот во Лозана. мн/
Фото: Фејсбук КК Пелистер