• понеделник, 23 декември 2024

КЗБ очекува до крајот на неделата да има разрешница со првиот суспектен случај на мајмунски сипаници кој одбива да се тестира

КЗБ очекува до крајот на неделата да има разрешница со првиот суспектен случај на мајмунски сипаници кој одбива да се тестира
Скопје, 11 август 2022 (МИА) - Нема простор за паника, бидејќи не се очекува никаков драматичен развој или сериозно ширење на мајмунските сипаници, велат од Комисијата за заразни болести. Досега во земјава беа пријавени два суспектни случаи од кои пациентот од Кичево одбива да се тестира, а мигрантот кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести е негативен. Претседателот на Комисијата Александар Петличковски денеска во изјава за медиумите посочи дека на пациентот од Кичево му било понудено да се тестира, но тој одбил и дека нема законска можност да го присилат на тестирање. - Здравјето е и колективна и индивидуална одговорност на сите жители на државата. Овој случај се јавил на доктор завчера и веднаш е остварена комункација со лекари од Инфективната клиника и со епидемиолози. Оставено е сомневањето врз основа на клиничката презентација. Понудено му е тестирање, во тој момент не го пријавил тестирањето и не се пријавил за понатамошно лекување. Известени се надлежните служби од Битола, кои реагирале веднаш, а ангажирана е и матичниот лекар. Епидемиологот два пати бил на местото на живеење на овој пациент, разговарано е со членовите на семејството и објаснето е дека тестирањето е најдобро решение, изјави Петличковски. На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести е донесен заклучок да се достави предлог до министерот за здравство за да биде предложен здравствен надзор за лицето кое не сака во моментов да се тестира, со цел да можат да постапат институциите и побрзо да се заврши случајот. - Очекуваме во текот на наредните денови, согласно тоа постапување да имаме разрешница, изјави портпаролот на КЗБ Злате Мехмедовиќ, кој појасни дека со овој предлог и со помош на Државниот санитарен здравствен инспекторат и МВР ќе биде лоцирано лицето и ќе биде тестирано. Во однос на вториот случај за којшто се покажа дека е негативен, исконтактирани се лицата кои биле во близок контакт со него уште пред да се направи тестот, но со тоа што резултатот е негативен, од Комисијата велат дека нема потреба од спроведување на понатамошни мерки. Во Институтот за јавно здравје, како што соопшти претседателот на Комисијата за заразни болести, Петличковски има околу 3300 тестови за мајмунски сипаници. Тој појасни дека доколку некој има симптоми на мајмунски сипаници, првично треба да го контактира матичниот лекар, а потоа ако има сомнеж за присуство на сипаниците ќе биде препратен на Инфективната клиника, на соодветен начин. - Пациентите со мајмунски сипаници се заразни кога ќе им почнат симптомите. Симптомите можат да бидат осип, болни лимфни јазли, покачена температура. Најзаразен е секретот од кожните промени и затоа пустили можат да бидат покриени, кога лицето треба да оди на лекар. Од тука нема задолжително изолирање ниту на пациентите, ниту на контактите, додаде Петличковски. ки/бак/

Остани поврзан