• вторник, 05 ноември 2024

„Кајмак“ вечерва пред данската публика

„Кајмак“ вечерва пред данската публика

Скопје, 19 јуни 2023 (МИА) - Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Кајмак“ вечерва ќе ја доживее данската премиера. Филмот ќе биде свечено прикажан во Копенхаген.

 - Паралелно со ова, минатата седмица Албанскиот филмски центар објави дека следниот проект на Манчевски, „Збогум, Копакабано!“ - работен наслов „Биста“ - ја освои поддршката на албанскиот државен фонд. Албанија е само еден од повеќето странски партнери во идниот филм на Манчевски, во „Кајмак“ копродуценти беа Холандија, Данска, Хрватска и паневропскиот фонд Еуримаж. Во исто време, Агенцијата за филм на Северна Македонија ја блокираше својата поддршка за обата филма на Манчевски. Со одлука на УО на Агенцијата од минатиот месец, стопирана е поддршката на оваа државна институција и за „Кајмак“ и за „Збогум, Копакабано!“ - работен наслов „Биста“, иако обата филма претходно беа поддржани од истата Агенција. Министерството за култура ја оцени одлуката на УО како незаконска, велат од тимот на Манчевски.

Оттаму потсетуваат дека „Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот од А-категорија во Токио, а потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, САД и други земји.

- Светскиот продажен агент, „Левел К“ од Копенхаген го пласираше филмот за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите... „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година, се наведува во денешното соопштение. бд/дма/

Фото: „Кајмак“

Остани поврзан