• вторник, 10 март 2026

Канадска Влада: Тикток може да продолжи со работа само доколку ги почитува правилата за заштита на корисниците

Канадска Влада: Тикток може да продолжи со работа само доколку ги почитува правилата за заштита на корисниците

Отава, 10 март 2026 (МИА) - Канадската Влада ѝ дозволи на социјалната платформа ТикТок да продолжи со работа во земјата, по завршувањето на новата ревизија за нејзиното потенцијално влијание врз националната безбедност, изјави министерката за индустрија, Мелани Џоли. Во соопштението се наведува дека одобрението за работа подразбира дека социјалната мрежа е обврзана да ги почитува новите правно обврзувачки услови.

„Оваа одлука ќе ги заштити канадските работни места, бидејќи ТикТок ќе мора да задржи свои канцеларии и вработени, со обврски за инвестирање во културниот сектор“, соопшти Владата.

Во ноември 2024 година, канадското Министерство за индустрија му нареди на ТикТок да запре со работа во државата, со образложение дека апликацијата претставува ризик за националната безбедност. Меѓутоа, Канадскиот федерален суд во јануари ја поништи владината наредба и му дозволи на ТикТок да продолжи со работа, со налог до Владата во Отава повторно да го преиспита случајот.

Според Владата, ТикТок ќе воведе подобра заштита на личните податоци на Канаѓаните, вклучувајќи нови безбедносни протоколи и технологии за подобрување на приватноста, со цел да се контролира пристапот до податоците на канадските корисници и да се намали ризикот од неовластен пристап. Исто така, беше соопштено дека платформата ќе обезбеди и подобра заштита за малолетниците. Апликацијата, основана од кинеската компанија „Бајтденс“ (ByteDance), ќе биде под постојан надзор од страна на Канада и други земји, кои стравуваат дека Кина би можела да ја користи платформата за собирање податоци за корисниците или за промовирање на своите интереси. мв/ссм/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан