• вторник, 24 декември 2024

Кампањата „Ние сме Европа“ во Тетово посветена на младите како перспектива за прогресивна иднина на државата

Кампањата „Ние сме Европа“ во Тетово посветена на младите како перспектива за прогресивна иднина на државата

Тетово, 6 октомври 2023 (МИА) – Кампањата „Ние сме Европа“ предводена од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ вечерва се реализираше во Тетово, а темата беше членството во ЕУ и младите како перспектива за прогресивна иднина на државата. Вицепремиерот Маричиќ кој беше прв говорник посочи дека младите се прогресот на општеството и европски е младите да бидат предводници на нови и свежи идеи.

- Токму поради младите треба да се прават тешки одлуки и финален исчекор за членство во ЕУ. Затоа што младите бараат да извлечеме максимум од шансата која пред нас ја создава геополитичкиот момент во кој се наоѓаме. Младите се тие кои ја препознаваат ЕУ како стабилен и посакуван партнер. Затоа имаме обврска да бидеме партнер во обезбедувањето на перспективна и на европска иднина. Ако некој одлучи заради сопствената политичка идеја или поради недоволна политичка свесност е подготвен да ја стави во заложништво иднината на младите, тоа сигурно не сме ние. Одолговлекувањето е ризик кој не можеме да го допуштиме. Тој ризик ни најавува изолација и нова неизвесност во нова фаза на чекање. Блокадите можат само да го зајакнат евроскептицизмот и да дадат сили на антиевропски блокови и патишта. Тоа не е нашиот пат и не е патот на нашите млади, рече Маричиќ.

Тој посочи дека овие пет години е направено многу за младите и зголемување на стандардите.

-Северна Македонија е прва земја надвор од ЕУ која ја има мерката „Гаранција за млади“. Од 2018 година до денес, над 80 илјади млади лица се вклучија во оваа програма. Речиси 40 отсто од учесниците во „Гаранција за млади“ добија понуда за вработување, континуирано образование и обука и беа вклучени во практикантство. За оние до 23 години кои работат во производство, се воведе дополнителен младински додаток на платата од три илјади денари. Програмата „ЕУ за млади“ за стручна обука добива директна буџетска поддршка од 15 милиони евра. Во новата ИПАРД 3 рамка ќе има уште 18 милиони евра за „Гаранција за млади“, истакна Маричиќ од Тетово.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека во изминатите неколку години се направени најкрупни промени во оваа сфера со реформи, со нови програми, нови учебници, најсовремени кабинети, зголемени плати за наставниците за 55%, реконструкција на 150 училишта, изградба на десет нови училишта и 43 спортски сали.

- Да ги доближиме придобивки од членството во ЕУ, од полза за подобрување на граѓаните и сите општествените сегменти и образованието. Од земја во развој постепено напредуваме и сигурен сум дека во овој период во оваа декада, ќе се случи и тоа што сите ние го очекуваме да станеме полноправна членка на ЕУ, многу работиме на таа тема. Помошта и поддршка од ЕУ нема да има ограничувања, потребно е политичко единство да ги направиме последните чекори и уставните измени како клучен услов за влез во ЕУ, рече Шаќири.

Младите знаат повеќе јазици, размислуваат критички, иновативни се, креираат, посочи во говорот министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, додавајќи дека ние сме Европа бидејќи имаме европски вредности.

- Имаме примери како Мајка Тереза, Ферид Мурад, Благој Нацоски. Ние имаме вредности, но немаме членство во ЕУ. За да бидеме дел од ЕУ и да бидеме членка ни треба подобра инфраструктура, подобра инфраструктура од сајбер безбедноста заедно со европските фондови, ние треба да креираме еко систем за иновации, за стартапи и спин-оф компании, заедно со ЕУ. Треба само уште еден чекор да направиме, за да може тие европски фондови и вредности да ги имаме во нашето секојдневие, посочи министерот Алиу.

Андреа Силвестри, амбасадор на Република Италија истакна дека самиот бил меѓу првите студенти кои биле дел од почетокот на Еразмус програмата. Се потсети дека во првите години учествувале во образовна размена околу 3200 студенти, а сега бројката надминува 300 илјади.

- Италија користи многу од бенефициите од заедничкиот пазар со 450 милиони корисници, 23 милиони фирми, каде што завршува 60 посто од нашиот извоз. Така се зголеми БДП, платите на нашите државјани, благодарејќи и користејќи ги сите тие заеднички и структурни фондови што ЕУ ги нуди. Европа не се само парите, туку склоп на вредности каде што се вреднуваат многубројни култури, истакна амбасадорот.

Пранвера Касами од Институтот за лидерство и јавни политики го имаше последниот говор на настанот.

- Голем дел од моето искуство е во проекти со млади, работа на мостови на доверба, претприемништво, политики, пазар на труд. Не е доволно да се каже дека тие се иднината туку апсолутната сегашност, особено сега кога се насочиле надвор од границите да ја најдат Еввропа. Во еден град со многу млади и два универзитети како Тетово, евроскептицизам нема, посочи Пранвера Касами. ас/дма/


Фото: МИА / СЕП

 

Остани поврзан