• вторник, 24 декември 2024

Кавадарчанецот Бошко Илиев го реализираше 103 пливачки маратон на браната Гратче кај Кочани

Кавадарчанецот Бошко Илиев го реализираше 103 пливачки маратон на браната Гратче кај Кочани
Кочани, 7 септември 2021 (МИА) - Педесет и шест годишниот кавадарчанец Бошко Илиев, специјалист по спортска медицина, денеска го реализираше својот 103 пливачки маратон на браната Гратче кај Кочани, со што се вклучи во одбележувањето на 7 Септември - денот на ослободувањето на родниот и на градот домаќин. Условите за пливање беа одлични, со просечна температура на водата од околу 19 степени Целзиусови, а обезбедена беше и соодветна поддршка и придружба од членовите на риболовното здружение „Кочански рибар“. - Веќе 20 години се занимавам со пливачки маратон, над 70 пати сум учествувал на натпревари во странство, а останатите се нашите простори. Маратонот на браната Гратче е петнаесетти по ред во рамки на мојата идеја да ги опфатам сите природни и вештачки езера во државата. Намерата е да го промовирам пливањето како здрава спортска и рекреативна дисциплина. Паралелно со тоа, сакам да ги популаризирам природните убавини и туристичките потенцијали на езерата, а верувам дека ќе успеам во целта, со оглед што и покрај возраста сум во одлична физичка и психичка здравствена состојба. Како лекар, но и како продолжувач на традицијата на македонското маратонско пливање, сакам да им порачам на младите да ги користат условите со кои располага нашата татковина и што повеќе да го практикуваат и спортските и рекреативните пливачки активности, истакна Илиев. Поддршка во реализацијата на пливачкиот маратон на Гратче, даде и локалната самоуправа на Кочани, при што рамки на одбележувањето на општинскиот празник, градоначалникот Николчо Илијев на маратонецот Илиев му додели признание и плакета. та/ац/

Остани поврзан