• понеделник, 23 декември 2024

Истражување: Општините со поголема отвореност од пред две години, но се уште не на потребното ниво

Истражување: Општините со поголема отвореност од пред две години, но се уште не на потребното ниво

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Во споредба со 2022 година кога просекот на отвореност на општините изнесувал 27 отсто, годинава тој достигнал 37 отсто, што е пораст за 10 отсто во две години. Иако овој процент е видливо зголемен, сепак претставува индикација за ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт, покажуваат ги претставија наодите од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија изготвена преку Индексот на отвореност за 2024 година на тематскиoт форум „Вклучена заедница за отпорност на корупција“ на Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција. 

Во 2024 година, наодите од Индексот на отвореност покажале дека најотворените единици на локална самоуправа се Битола (67%), Делчево (66%), Демир Хисар (64%), Велес (60%), Валандово (59%), Прилеп (58%), Крива Паланка (58%), Берово (58%), Василево (56%), Кочани (55%), Градско (54%), Гевгелија (54%), Охрид (53%), Кавардарци (52%) и Гази Баба (52%).

Најзатворени општини, според наодите се Сопиште со (7%), Кривогаштани (13%), Студеничани (13%), Росоман (14%), Чучер Сандево (15%), Шуто Оризари (16%), Лозово (17%), Боговиње (18%), Ранковце (18%), Врапчиште (19%) и Чаир (19%).

-Исто како во 2022 година, во 2024 година единиците на локална самоуправа имаат највисока просечна оценка во областа транспарентност (46%), а најниска просечна оцена во областа свесност (21%), додека најголем напредок се забележува во областите транспарентност и интегритет односно зголемување за 12%. Овој низок резултат во областа свесност (21%) укажува на слабиот квалитет на планирањето, програмирањето, мониторирирањето и евалуацијата на политиките што ги спроведуваат единиците на локалната самоуправа. Јавниот интерес треба да биде отсликан во јавните политики, што го прави овој поразителен резултат уште поалармантен, се вели во денешното соопштение.

Генерален заклучок од Индексот на отвореност на локалната самоуправа, се додава, e дека локалната самоуправа има уште долг пат до постигнување на вистинска транспарентност.

-Локалните власти треба проактивно да објавуваат документи во најотворен формат и да ги унапредат своите веб-страници за подобра достапност, пристапност и квалитет на информации, податоци и услуги. Исто така, потребно е да се воспостават поефикасни механизми за граѓанско учество за суштинско вклучување на граѓаните во одлучувањето и подобрувањето на животот на заедницата. Покрај тоа, тие треба да работат на подобрување на квалитетот на план, велат од Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција.

Според нив, неопходно е на краток рок единиците на локална самоуправа да воведат внатрешни процедури за навремено објавување на сите информации поврзани со остварувањето на нивните надлежности, кои воедно ќе го поддржуваат и објавувањето на што е можно повеќе податоци во отворен формат.

-Единиците на локална самоуправа проактивно да ги објавуваат сите информации кои произлегуваат од нивната работата, работата на градоначалникот/чката, советите и нивните работни тела и комисии, како и јавните претпријатија, вклучително и годишните програми, извештаи, буџети, јавни набавки, податоци за финансирање на проекти, вработувања, плати на функционери, надоместоци на советници, итн.  Единиците на локална самоуправа да креираат и објавуваат стратешки и програмски документи на локалната самоуправа кои содржат јасно дефинирани цели и резултати, со буџетски импликации и индикатори за мерење на резултатите. Процесите на креирање политики треба да бидат однапред планирани и предвидливи, со објавување на годишни планови за консултации на интернет-страниците. Навремената и ефективна комуникација е клучна за суштински придонес од засегнатите страни. Потребно е редовно објавување на повици за јавни консултации, расправи, како и детални извештаи со коментари и одговори по консултациите, се додава во соопштението од Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција.

Индексот ги оценува перформансите на локалната самоуправа во областа на доброто владеење преку четири начела транспарентност се однесува на политиките, активностите и мерките што ЕЛС ги презема за да ги информира своите граѓани за својата работа, свесност се однесува на квалитетот на планирањето, програмирањето, мониторингот и евалуацијата на политиките што се спроведуваат од страна на локалните власти, пристапност се однесува на начинот на којшто локалната самоуправа комуницира и ги вклучува граѓаните при одговарањето на нивните барања и задоволувањето на нивните потреби, интегритет се разгледува во функција на конзистентното придржување кон етичките вредности, начелата и нормите што имаат за цел приоретизирање на јавниот интерес во однос на приватниот.

Процената претставува длабинска анализа на работата на локалната самоуправа која дава резиме на вкупните перформанси на локалната самоуправа со патоказ од препораки за унапредување на состојбата. Истражувањето беше спроведено од 1 февруари до 15 мај 2024 година. сст/дма/

фото Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан