• вторник, 05 ноември 2024

Инфо ден за Програмата LIFE за заштита на животната средина и климатски активности

Инфо ден за Програмата LIFE за заштита на животната средина и климатски активности

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) -  Први во регионот од кандидати и потенцијални кандидати го потпишавме Договорот за учество во Програмата на Европската Унија „Живот“ (LIFE), што ќе ни обезбеди отворање нови можности за аплицирање за проекти со кои ќе се унапреди животна средина и ќе се придонесе кон борбата против климатските промени. Ова го соопшти министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на првиот инфо ден за Програмата LIFE, што денеска се одржа во Секретаријатот за европски прашања.  

Како што информира Министерството за животна средина и просторно планирање, се очекува активностите што ги поддржува оваа Програма да придонесат за намалување на емисиите на стакленички гасови и да ја намалат ранливоста од штетните влијанија на климатските промени. Тие ќе го обноват и подобрат квалитетот на животната средина, вклучително воздухот, водата и почвата и ќе влијаат на намалување на загубата на биолошката разновидност и деградација на природата.

- Програмата LIFE е единствената ЕУ програма посветена конкретно на активностите за животната средина и клима и финансиски инструмент на ЕУ што има клучна улога во поддршката на спроведувањето на законодавството и политиките на Унијата во тие области. Со тоа цели да ја олесни транзицијата кон одржлива, циркуларна, енергетски ефикасна и климатски отпорна економија, заснована на обновливи извори на енергија, се вели во соопштението.

Договорот за учество на нашата држава во оваа Програма се потпиша во јули 2023 година, со временска рамка од 2023 година до 2027 година, а за учество во дадената временска рамка, МЖСПП обезбеди соодветна финансиска контрибуција за користење на оваа програма за секоја година.

Инфо денот за Програмата LIFE, како што се наведува, овозможи размена на искуства и добри практики и иницирање на партнерства и активности за справување со некои од најургентните еколошки закани познати под терминот „тројна планетарна криза“, а беа објаснети и правилата за апликација за ЕУ LIFE проектите. мд/дма/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан