Интервју со Здравко Илиќ – сениор експерт за трговија со услуги: Со новиот пакет одлуки за е-трговија, го отвораме дигиталниот пазар од 20 милиони луѓе!
Во обид да се револуционизира дигиталниот пазар во регионот, ЦЕФТА усвои сет нови правила, познати како „Пакет за е-трговија“, сѐ со цел остварување непречена прекугранична онлајн трговија. Но, што значи ова за потрошувачите, бизнисите и економиите во рамките на ЦЕФТА?
За да ги разгледаме импликациите и можностите што ги носат овие трансформативни одлуки, разговаравме со Здравко Илиќ – сениор експерт за трговија со услуги, кој ги објасни начините на кои овие правила ги поедноставуваат процесите, ја подобруваат заштитата на потрошувачите и го поттикнуваат растот на дигиталната економија.
1. ЦЕФТА неодамна го усвои „Пакетот за е-трговија“. Како новите договори(одлуки) ќе влијаат на дигиталниот пазар и е-трговијата во регионот?
Развојот на е-трговијата во изминатите години бележи постојан раст, поттикнат од технолошките иновации, промените во навиките на потрошувачите и специфични околности како пандемијата од COVID-19.
Во контекст на ЦЕФТА, новата рамка за онлајн трговија е дефинирана со три одлуки усвоени во октомври минатата година: Одлука за олеснување на е-трговијата, Одлука за испорака на пакети и Одлука за укинување на гео-блокирањето. Заедничката цел на овие три одлуки е да го поедностават онлајн купувањето за потрошувачите, и продавањето за бизнисите.
Додека интернетот е пазар без граници, луѓето и производите сепак постојат и се движат во реалниот свет, каде што правилата се регулирани со прописи. Секој пазар има свои регулативи. На пример, за да може еден претприемач од Северна Македонија да ги продава своите стоки и услуги на седумте пазари на ЦЕФТА, ќе треба да се усогласува со седум различни групи на закони. Целта на овие одлуки е да го поедностават овој процес преку усогласување на законите или воведување на принципот на меѓусебна доверба, каде што почитувањето на домашните закони ќе биде доволно за сите седум пазари. Важно е да се нагласи дека овие правила се целосно усогласени со стандардите на ЕУ.
Во однос на испораката на пакети, главната цел е да се намалат неразумно високите цени на испораката. Регулаторите наскоро ќе имаат обврска да собираат цени на испорака помеѓу градовите во регионот, да ги направат јавно достапни и да ги анализираат за да ги идентификуваат екстремно високите цени. За универзалните поштенски оператори, како Пошта на Северна Македонија, регулаторните тела ќе имаат механизми за идентификација на неразумно високите цени, додека на приватниот пазар, зголемената транспарентност се очекува да ја зголеми ценовната конкурентност.
Ова е особено важно за малите и средни претпријатија (МСП), кои ќе можат поефикасно да ги користат дигитални канали за пласман на своите производи. Тоа ќе го зголеми нивниот дострел и конкурентност преку пристап до пазар од 20 милиони луѓе и ќе ги подготви за интеграција во единствениот дигитален пазар на ЕУ.
2. Како овие одлуки ќе го подобрат искуството на онлајн купување за потрошувачите на пазарите на ЦЕФТА?
За потрошувачите, придобивките се јасни. Прво, тие добиваат пристап до поширок и поразновиден асортиман на стоки и услуги во пазарите на ЦЕФТА. Без разлика од каде во регионот купуваат или чии производи и услуги, правилата на ЦЕФТА гарантираат исти права и одредени механизми за нивно спроведување.
Одличен пример се можностите како минимум 14-дневен рок за откажување, враќање на средства и зајакнати регулативи за несакани пораки, кои ја зголемуваат довербата и сигурноста во онлајн купувањето. Вреди да се спомене дека за околу три години нашите потрошувачи ќе имаат заштита на ниво на ЕУ, при онлајн купување, а дополнително работиме на поврзување на центрите за заштита на потрошувачи за олеснување на заштитата надвор од домашните пазари.
3. Како новата рамка за заштита на потрошувачите, особено во е-трговијата, ќе ја подобри довербата во регионалните трансакции?
Новата рамка за заштита на потрошувачите во регионот на ЦЕФТА значително ќе ја зајакне довербата во регионалните трансакции, што е клучно за развој на модерен и меѓусебно поврзан пазар.
Првенствено, усогласувањето на стандардите за заштита на потрошувачите обезбедува дека купувачите во сите економии во рамките на ЦЕФТА уживаат исти права и сигурност при купување. Без разлика каде се или од каде купуваат, потрошувачите ќе бидат заштитени од нечесни трговски практики и ќе имаат право на враќање на производите, барање замени или добивање поврат на средства доколку има проблеми со производите.
Преку овие мерки, придонесуваме кон создавање на потранспарентен и побезбеден пазар, зајакнувајќи ја довербата на потрошувачите, поттикнувајќи го нивното учество во е-трговијата и отворајќи нови можности за раст на економиите во рамките на ЦЕФТА.
4. Можете ли подетално да ја објасните важноста на усогласувањето со стандардите на ЕУ, особено во контекст на гео-блокирањето?
Отстранувањето на неоправданото гео-блокирање им овозможува на потрошувачите и бизнисите еднаков пристап до веб-страници и нивната понуда на производи и услуги, без разлика на нивната географска локација во рамките на ЦЕФТА.
Оваа мерка е усогласена со принципите на регулативата на ЕУ, која забранува неоправдани бариери за онлајн трговија во рамките на ЕУ. Со оглед на тоа, ЦЕФТА обезбедува бизнисите и потрошувачите во регионот да можат да ги искористат истите слободи, со што се поттикнува поголема пазарна интеграција и поврзување со Единствениот пазар на ЕУ.
За потрошувачите, ова усогласување значи дека ќе можат да купуваат производи и услуги од други пазари на ЦЕФТА без никакви ограничувања, со што се зголемува изборот и достапноста. За бизнисите, ова отвора можности за пристап до поширока база на купувачи, намалување на трговските бариери и усвојување на практики кои се компатибилни со пазарот на ЕУ.
Ова не само што ја подобрува конкурентноста туку и овозможува полесна интеграција во синџирите на снабдување на ЕУ. На крајот, усогласувањето ги поддржува страните на ЦЕФТА во подготовката за пристапување кон ЕУ.
5. Зборувајќи за Единствениот пазар на ЕУ, како одлуките на ЦЕФТА за е-трговија се усогласуваат со стандардите на Европската унија, и какви можности создаваат? Како ЦЕФТА се подготвува за понатамошна интеграција со единствениот пазар на ЕУ?
ЦЕФТА останува посветена на подготовката за интеграција со Единствениот пазар на ЕУ преку серија стратегиски мерки и иницијативи кои ги усогласуваат нашите политики, стандарди и практики со оние на ЕУ. Истото важи и за правилата за е-трговија на ЦЕФТА, кои ги следат политиките на ЕУ и го доближуваат регионот до Единствениот дигитален пазар на ЕУ.
Со надминување на бариерите за е-трговија, се обезбедува бизнисите и потрошувачите да можат да уживаат во непречена трговија со стоки и услуги онлајн, слично како на Единствениот пазар на ЕУ.
За бизнисите, ова значи намалување на административните пречки, олеснување на пристапот до други пазари на ЦЕФТА и подготовка за конкурентност на поширокиот пазар на ЕУ.
Во поширокиот контекст, ЦЕФТА активно се подготвува за понатамошна интеграција со Единствениот пазар на ЕУ преку усогласување на своите политики и правни рамки со стандардите на ЕУ. Би сакал да нагласам дека новиот Акционен план за Заедничкиот регионален пазар за периодот 2025–2028 година неодамна беше усвоен. ЦЕФТА ќе имплементира три од неговите столбови – слободно движење на стоки, слободно движење на услуги и хоризонтални мерки за трговија.
Во однос на е-трговијата, ќе ја следиме ЕУ во поставување еквивалентни правила со оние од Актот за дигитални услуги и Директивата за преносливост на онлајн содржини. Ова треба да донесе нови можности за нашите луѓе и бизниси.
Конечно, треба да споменам дека новиот План за раст на ЕУ предвидува регионот да може да има корист од раната постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, вклучувајќи го и дигиталниот пазар на ЕУ. Општите услови за тоа се усогласување со правилата на ЕУ и имплементација на овие правила во регионалниот контекст преку договори како овие одлуки на ЦЕФТА.
6. Кои се следните чекори за ЦЕФТА за да се обезбеди успешна имплементација на Одлуката за е-трговија?
Следните чекори вклучуваат подигање на свесноста кај бизнисите и потрошувачите за придобивките и заштитните механизми што ги овозможува оваа Одлука. Исто така, важно е да се работи тесно со засегнатите страни за да се обезбеди непречена имплементација на усогласените правила.
Напорите за градење капацитети, како обуки и програми за информирање, ќе им помогнат на бизнисите да ги искористат можностите што ги обезбедува Одлуката. Дополнително, тековното следење и собирање повратни информации ќе обезбедат рамката постојано да ги задоволува потребите на дигиталниот пазар.
Пакетот одлуки на ЦЕФТА за е-трговија претставува трансформативен чекор за дигиталната економија на регионот, носејќи значајни придобивки за потрошувачите, бизнисите и економиите. Со поедноставување на правилата, зајакнување на заштитата на потрошувачите и усогласување со стандардите на ЕУ, ЦЕФТА го трасира патот за непречено и меѓусебно поврзано опкружување за е-трговија. Како што истакнува г. Илиќ, овие пакет одлуки не се однесуваат само на регулаторни промени, туку на отворање на можности и градење доверба во дигиталната иднина.
____________________________________________
MИА - ОТС Комерцијални соопштенија
Напомена: Оригинален текст. За содржината е одговорен нарачателот.