• вторник, 05 ноември 2024

Институт за проучување на војната: Украина го зголемува производството на оружје, но и е потребна помош од Западот

Институт за проучување на војната: Украина го зголемува производството на оружје, но и е потребна помош од Западот

Вашингтон, 3 октомври 2024 (МИА) - Украина го зголемува домашното производство на оружје, воена опрема и беспилотни летала, но сепак има потреба од значителна помош од Западот за да се спротивстави на руската агресија, се вели во извештајот на Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон.

Аналитичарите конкретно ја цитираат изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека украинските компании во моментов можат да произведуваат четири милиони беспилотни летала годишно, а веќе се потпишани договори за производство на 1,5 милиони дронови.

Покрај тоа, според Зеленски, Украина е способна да произведува 15 самоодни артилериски инсталации „Бохдан“ секој месец, а неодамна беше извршен и успешен тест на балистичка ракета од домашно производство, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на Институтот.

Украинскиот министерот за одбрана Рустем Умеров истакна дека Украина ќе продолжи да дава приоритет на домашното производство на беспилотни летала и ракети со долг дострел, вклучително и балистички ракети.

Истовремено, украинскиот премиер Денис Шмихал најави дека во предлог-буџетот на државата за 2025 година се предвидени седум милијарди долари за набавка на оружје и воена опрема, што е за 65 отсто повеќе од годинава. Според него, Украина тројно го зголемила домашното производство на оружје во 2023 година и двојно го зголемила во првите осум месеци од годинава.

Според Институтот за проучување на војната, напорите на Украина да го прошири домашното воено производство ќе и овозможат да ја намали својата долгорочна зависност од западната воена помош.

Сепак, на Украина и понатаму и е потребна значителна помош од Западот во следните неколку години за да се одбрани од руската агресија и да ги ослободи стратешки важните територии кои моментално се окупирани од руските трупи, се вели во извештајот на Институтот. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан