Иницијативна средба за формирање Национално собрание на млади: Потребно прочистување на регистарот на младински организации од оние кои не се активни
- Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) денеска во Скопје одржа иницијативна средба за формирање на Национално собрание на млади, предвидено со Законот за младинско учество и младински политики.
Скопје, 28 септември 2025 (МИА) – Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) денеска во Скопје одржа иницијативна средба за формирање на Национално собрание на млади, предвидено со Законот за младинско учество и младински политики.
Целта е, како што истакна во изјава за МИА генералната секретарка на НМСМ Мариана Ангелова, преку консултативен и инклузивен процес, да се дефинираат конкретни чекори и динамиката за финализирање на процесот и формирање на координативното тело кое ќе ја води подготовката на Националното собрание.

Ангелова потенцира дека формирање на Национално собрание за млади треба да се иницира од две третини од регистрираните младински организации.
-Проблемот е повеќе од административен карактер. Моментално, во Агенцијата за млади и спорт, а сега Министерството за социјална политика, млади и демографија има регистрирано 114 младински организации. За жал, многу од нив или не се активни или немаат интерес да се вклучат во вакви политички застапувачки тела или цели, бидејќи немаат таква мисија како организација. Она што недостасува е иницијативата од организациите, но и недостасува можеби и да се прочисти тој регистар на младински организации бидејќи од моментот од кога е формиран кон крајот на 2021 години до денес има доста организации кои веќе не се активни, односно немаат активности со млади и едноставно не можеме да стигнеме до нив за да ги вклучиме во ваквите тела, рече таа.
Ангелова објасни дека Националното собрание за млади е место каде што сите законски форми на младинско организирање на сите организации кои работат со или за млади дискутираат за приоритетите и потребите и препораките во однос на кои што сакаат да ги имаат, особено на политиките кои се релевантни за младите како што се образование, вработување, програмите за младинско вработување.

Најважната цел на Националното собрание за млади, како што посочи таа, е што од него произлегува Националното советодавно тело, а тоа е ко-менаџмент тело помеѓу претставници на институциите и на младинските организации кое што на некој начин треба да биде филтер на младинската перспектива во политиките, односно треба да ги разгледува сите политики кои се релевантни за младите и да дава свои препораки за како тие подобро да влијаат на животот на младите.
Ангелова потсетува дека НМСМ заедно со останатите мрежи на младински организации до Собранието кон почетокот на годинава поднеле измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики, со кои се очекува да се оттргнат дел од овие пречки.
-На пример во измените е предвидено наместо иницијативата која секако ќе доаѓа од младинските организации, улога во организирањето односно во воспоставувањето на Собранието да игра и Министерството, бидејќи огромна е потребата од соработка помеѓу институциите кои ги креираат и имплементираат политиките и организациите кои покрај тоа што имаат некакви програми за млади, повеќето од нив немаат национални програми, но имаат комуникација со младите и ги знаат реалните потреби и можат реално да ги пренесат на конструктивен начин до институциите. Измените се поднесени до Собрание, но поради изборите до крајот на оваа година не се очекува да бидат усвоени, рече генералната секретарка на НМСМ, Ангелова. фф/вг/
Фото: МИА