Илјадници писатели објавија „празна“ книга во знак на протест против вештачката интелигенција
- Илјадници писатели, меѓу кои Кадзуо Ишигуро, Филипа Грегори и Ричард Осман објавија „празна“ книга во знак на протест против компаниите за вештачка интелигенција кои ги користат нивните дела без дозвола
Лондон, 11 март 2026 (МИА) - Илјадници писатели, меѓу кои Кадзуо Ишигуро, Филипа Грегори и Ричард Осман, објавија „празна“ книга во знак на протест против компаниите за вештачка интелигенција кои ги користат нивните дела без дозвола.
„Околу 10.000 автори учествуваа во проектот „Don’t Steal This Book“ („Не ја крадете оваа книга“), во која единствената содржина е список со нивните имиња“, објави британскиот весник „Гардијан“.
Примероци од книгата се делат на посетителите на Меѓународниот саем на книгата во Лондон, една недела пред британската влада да ја објави процената за економските последици од планираните измени во законите за авторски права. Според организаторот на проектот, композитор и активист за заштита на авторските права, Ед Њутн-Рекс, индустријата за вештачка интелигенција е изградена врз „украден“ труд – преземен без дозвола и без надомест.
– Ова не е злосторство без жртви. Генеративната вештачка интелигенција им конкурира на луѓето чија работа се користи за нејзино тренирање и им ги одзема средствата за живот. Владата мора да ги заштити британските креативци и да одбие да ја легализира кражбата на креативниот труд од страна на компаниите за ВИ – изјави Њутн-Рекс.
Според „Гардијан“, издавачите планираат да започнат иницијатива за лиценцирање содржини. Агенцијата „Паблишерс лајсенсинг сервисис“ (Publishers‘ Licensing Services) веќе работи на колективен систем кој би овозможил законски пристап до објавените дела.
Развојот на вештачката интелигенција бара огромни количини податоци, вклучително и содржини заштитени со авторски права преземени од интернет. Тоа предизвика загриженост кај креативците ширум светот и доведе до бројни судски спорови. Таков беше случајот со компанијата „Антропик“ (Anthropic) минатата година. По создавањето на четботот Клод (Claude), таа се согласи да плати 1,5 милијарди долари за да реши колективна тужба поднесена од автори кои тврдеа дека компанијата користела пиратски копии од нивните книги за обука на системот.
Големо незадоволство предизвика и предлогот на британската Влада со кој на компаниите за ВИ би им се дозволило користење заштитени дела без претходна дозвола, освен во случај кога авторите експлицитно би се спротивставиле на тоа. мв/ссм/
Фото: Пиксабеј