• среда, 04 декември 2024

Израел предупредува: Нападите врз Либан ќе продолжат ако пропадне примирјето со Хезболах

Израел предупредува: Нападите врз Либан ќе продолжат ако пропадне примирјето со Хезболах

Тел Авив, 3 декември 2024 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска предупреди дека Израел ќе ги прошири нападите и ќе ја таргетира државата Либан доколку пропадне кревкото примирје со либанската група Хезболах.

Неговата изјава доаѓа по серија израелски воздушни напади, во кои загинаа повеќе од десет лица. Нападите беа одговор на истрелување ракети од страна на екстремистите од Хезболах, кое беше опишано како предупредување за наводни израелски прекршувања на договорот за примирје.

Обраќајќи се на војниците на северната граница, Кац изјави дека секое прекршување на договорот ќе резултира со „максимален одговор и нулта толеранција“. Тој предупреди дека, ако конфликтот се обнови, Израел ќе ги прошири нападите надвор од областите каде што е концентрирана активноста на Хезболах, без исклучоци за либанската држава.

Конфликтот помеѓу Израел и Хезболах, кој траеше 14 месеци и заврши со примирје посредувано од САД и Франција, се карактеризираше со воздржаност на Израел од таргетирање на клучна инфраструктура и либанските вооружени сили. Од друга страна, либанската армија остана неутрална.

Според договорот за примирје, Израел има 60 дена да ги повлече своите сили од јужен Либан, додека борците на Хезболах треба да се преместат северно од реката Литани. Во јужен Либан ќе патролираат либанската армија и силите на ОН.

Меѓутоа, во последните денови, Израел изведе серија напади како одговор на наводни прекршувања на примирјето од страна на Хезболах.

Претседателот на либанскиот парламент, Набих Бери, сојузник на Хезболах, го обвини Израел за повеќе од 50 прекршувања на договорот, вклучувајќи воздушни напади, рушење куќи и нарушување на либанскиот воздушен простор. Бери, кој помогна во преговорите за примирјето, ги осуди акциите на Израел.

Според либанското Министерство за здравство, од почетокот на израелските напади во Либан на 7 октомври, кога започна војната во Газа, загинале повеќе од 3.000 луѓе, а 13.000 се ранети.

Израелскиот министер за одбрана денеска истакна дека либанската влада мора да и даде овластување на либанската армија да го спроведе својот дел од договорот и да го држи Хезболах подалеку од границата. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан