• понеделник, 23 декември 2024

Израелци: Имаме снимка од лидерот на Хамас, тој бега низ тунел со сопругата, децата и братот

Израелци: Имаме снимка од лидерот на Хамас, тој бега низ тунел со сопругата, децата и братот

Ерусалим, 14 февруари 2024 (МИА) - Војската на Израел објави видео во кое наводно се гледа лидерот на Хамас Јахја Синвар во тунел под градот Кан Јунис во јужна Газа. На видеото се и неговата сопруга, децата и братот Ибрахим. Израел јавно го обвини Синвар дека е главниот организатор на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Објавувајќи го видеото на својата редовна прес-конференција, портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари рече дека видеото е снимено од надзорна камера на Хамас на 10 октомври и дека ИДФ го добила неодамна.

„Така со семејството побегна под земја во еден од безбедните сместувачки комплекси што ги изгради претходно“, истакна Хагари.

Тој додаде дека видеото е „резултат на ловот“ на Синвар и дека „ловот нема да престане додека не биде фатен, мртов или жив“.

https://twitter.com/i/status/1757496567865409907

Израелската војска го прогласи Синвар за „мртовец кој оди“, кој постојано го нарекуваше Касапот на Кан Јунис, поради неговата наводна улога во планирањето на нападот на 7 октомври. Во декември, израелските сили ја опколија неговата куќа, но не го најдоа.

Уште тогаш се зборуваше дека најверојатно се криел под земја. Советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави потоа дека „прашање на време е кога ќе биде фатен“. Сепак, Синвар сè уште е во бегство, и покрај интензивниот израелски напад врз Кан Јунис, неговиот роден град.

Израелците објавија и друга видео снимка за која велат дека ги прикажува нивните сили во делот на тунелите на Хамас каде најверојатно се криел Синвар. На видеото, војникот, чие лице е заматено, вели дека се наоѓаат во „главното скривалиште“ на Синвар и тврди дека лидерот на Хамас бил таму „неодамна“.

На видеото се гледаат и бањата, кујната и спалните соби, а војникот раскажува како нашле „милиони шекели и долари во сефот“. „Тие побегнаа кога слушнаа дека ИДФ им се приближува. Знаеја дека доаѓаме, па побегнаа“, додава војникот.

https://twitter.com/i/status/1757511706757001509

Инаку, Синвар беше одговорен за здружување на военото крило на Хамас пред да воспостави важни нови врски со регионалните арапски сили како цивилен и политички лидер на групата. Тој беше избран во главното тело за одлучување на Хамас, Политбирото, во 2017 година за политички лидер на огранокот на Хамас во Газа, пишува Си-Ен-Ен.

Оттогаш тој стана де факто лидер на Политбирото, според истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР). Од 2015 година американскиот Стејт департмент го прогласи за глобален терорист, а неодамна е под санкции на Велика Британија и Франција. паг/

Фото: Икс - скриншот

 

Остани поврзан