• петок, 22 ноември 2024

Израелската армија го потврди завршувањето на операцијата во болницата Насер во јужниот дел на Газа

Израелската армија го потврди завршувањето на операцијата во болницата Насер во јужниот дел на Газа

Тел Авив, 25 февруари 2024 (МИА) - Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска потврдија дека ја завршиле, како што ја нарекоа, „прецизната и ограничена“ операција во болницата Насер во јужниот дел на Појасот Газа и дека привеле околу 200 осомничени „терористи“.

За време на операцијата, во таа болница во Кан Јунис биле пронајдени запечатени кутии со лекови и имињата на израелските заложници и неколку оружја на оперативците на Хамас, јавуваат израелските медиуми.

Многу од приведените се членови на екстремистички организации кои беа вклучени во нападите на 7 октомври во јужен Израел и имаат врски со заложниците кои ги држеше Хамас, тврди ИДФ.

Воената операција беше спроведена за да се обезбеди „минимално нарушување на тековните болнички активности и пациентите и медицинскиот персонал да не бидат повредени“.

Армијата тврди дека испорачала генератор за да се замени болничкиот кој престанал да работи и дека сите витални системи на болницата продолжиле да работат и дека снабдувањето со електрична енергија не било прекинато.

Дополнително, во болницата ,во соработка со армијата, се доставени храна, вода и лекови, како и храна за бебиња, а неколку пациенти во критична состојба се префрлени во други медицински центри на барање на болничкиот персонал и во соработка со меѓународната заедница.

Во соопштението се најавува продолжување на операциите во согласност со меѓународното право против Хамас, кој Израел го смета за терористичка организација и кој според него функционира од болници и цивилна инфраструктура. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан