• среда, 06 ноември 2024

Изградена пешачка патека околу браната Гратче

Изградена пешачка патека околу браната Гратче
Кочани, 13 април 2021 (МИА) – Заврши изградбата и поплочувањето на пешачко-велосипедската патека, долга 520 метри, што ги поврзува новиот мотел со преградниот ѕид на браната Гратче кај Кочани. Исто така, во завршна фаза е и реконструкцијата на постојната, земјена патека од месноста Бавчалук до локацијата Тополник во должина од 3,5 километри. Изградбата на патеките е дел од проектот „Планински велосипедски рај“ за кој Општина Кочани обезбеди грант од над 30,5 милиони денари од фондовите на ЕУ. - Во наредниот период ќе следува означување на патеките со патокази, уредување на места за одмор, поставување видиковци, клупи, канти за отпад и друга урбана опрема. Преку овој проект се реализира и изградбата на планинарски дом на Пониква, како и на изградба, реконструкција и надградба на постојните земјени велосипедски патеки во должина од 35 километри на Осоговските Планини, на релациите брана Грaтче – село Јастребник – Пониква и Пониква – Гратче, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. Целта на проектот „Планински велосипедски рај“ е да придонесе за проширување на туристичкиот потенцијал, со посебен акцент на планинарството и планинскиот велосипедизам. Со изградбата на пешачките и велосипедските патеки се внесуваат нови содржини што ќе ја зголемат привлечноста кон природните убавини на кочанскиот крај. та/ки/    

Остани поврзан