Изградба на колекторски систем за фекална канализација во Општина Илинден
- Во рамките на реализацијата на капиталниот проект „Изградба на фекална канализација и пречистителни станици“ во Општина Илинден, во тек е изградба на нов колекторски систем во должина од пет
Скопје, 1 март 2021 (МИА) - Во рамките на реализацијата на капиталниот проект „Изградба на фекална канализација и пречистителни станици“ во Општина Илинден, во тек е изградба на нов колекторски систем во должина од пет илјади метри, покрај Главниот отворен канал, кој поминува низ средината на населените места Илинден и Марино, и кој ќе ги зафати отпадните фекални води што се испуштаат во одводниот канал.
Досега, како што соопшти Општина Илинден, се изградени 1.400 метри должина од колекторскиот систем и поставени се 36 шахти.
За реализација на Проектот за изградба на колекторскиот систем за фекална канализација се планирани 46 милиони денари, сопствени средства обезбедени од буџетот на Општина Илинден.
Паралелно со изградбата на колекторскиот систем, додаваат од Општината, ќе се отпочне и со изградба на пречистителна станица со капацитет од 2.500 еквивалент на жители.
- Овие модуларни пречистителни станици кои се применуваат во Општина Илинден, имаат можност да се прошират и надградат во зависност од потребата и капацитетот на канализацискиот систем, наведуваат во соопштението.
Колекторскиот систем заедно со пречистителната станица треба да биде завршен до септември 2021 година и на него ќе имаат можност да се приклучат околу 1.130 домаќинства.
- Реализацијата на капиталниот проект „Изградба на фекална канализација со пречистителни станици“, е еден од приоритетите во стратешките цели на општина Илинден и претставува капитална инвестиција. Инвестирањето во комуналната инфраструктура е од витално значење за унапредување и заштита на животната средина, подобрувањето на квалитетот на живеење, како и интензивирање на локалниот економски развој, се вели во соопштението. мс/сп/