• петок, 22 ноември 2024

Извештај на ГРЕКО: Од вкупно 19 препораки, девет се имплементирани во задоволителна мера, девет се делумно и една препорака не е имплементирана

Извештај на ГРЕКО: Од вкупно 19 препораки, девет се имплементирани во задоволителна мера, девет се делумно и една препорака не е имплементирана
Стразбур, 4 јули 2022 (МИА) – Групата на земји против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО), денеска во Стразбур го објави додатокот на вториот извештај за усогласеноста, во која ги оценува мерките преземени од властите на Северна Македонија за спроведување на препораките дадени во Извештајот за евалуација на четвртиот круг за земјава - „Спречување на корупција кај пратениците, судиите и обвинителите“. Според општите заклучоци, нивото на спроведување на преостанатите препораки е „скромен“ јави дописникот на МИА. ГРЕКО оценува дека земјава постигнала одреден напредок во спроведувањето на препораките содржани во Извештајот од Четвртиот круг на евалуација, односно од дадените вкупно деветнаесет препораки, девет се имплементирани во задоволителна мера, девет се делумно имплементирани, а само една препорака е неимплементирана. Поконкретно, препораките vi, viii, ix, x, xi, xiii, xvii и xix се имплементирани или третирани на задоволителен начин, препораки i, iii, ii, iv, xii, xiv, xv, xvi и xviii се делумно имплементирани и препораката v не е имплементирана. Споед заклучоците на извештајот, „Северна Македонија постигна одреден напредок во спроведувањето на препораките содржани во Извештајот за евалуација на четвртиот круг. ГРЕКО забележува дека се во тек понатамошни реформи со цел да се имплементира препораката. Ја охрабрува земјата да продолжи со напорите во оваа насока. Во согласност со став 9 од ревидираното Правило 31 од својот Деловник, ГРЕКО бара од Шефот на Делегацијата на Северна Македонија да му достави извештај за преземените мерки за спроведување на преостанатите препораки (т.е. препораки i , ii, iii, iv , v, xii, xiv, xv, xvi и xviii) пред 31 март 2023 година. Овој извештај на ГРЕКО, усвоен на  90-тата пленарна седница одржана во периодот 21 - 25 март годинава, е додаток на Привремениот извештај за усогласеност на земјава и го оценува последователното спроведување на 10-те преостанати препораки од усвојувањето на Привремениот извештај за усогласеност и обезбедува севкупна оценка за нивото на усогласеност на Северна Македонија. Во него, што се однесува до судството, ГРЕКО го забележува проширувањето на опсегот на санкции што се применуваат на судиите според член 78 (2) од Законот за судови. Исто така, ГРЕКО ги повторува стравувањата дека претходните намери на властите официјално да го сменат министерот за правда од составот на Судскиот совет сè уште не се остварени. Во однос на обвинителите, ГРЕКО го поздравува усвојувањето на новиот етички кодекс кој обезбедува сеопфатен сет на правила за интегритет. Новоименуваните „одговорни за интегритет“ во рамките на обвинителството мора да даваат советодавни мислења за етичките дилеми кои не се опфатени со Кодексот и да водат регистри за подароци. Одлуките на Советот за етика - тело за следење предвидено со Кодексот - во врска со прекршување на етичките правила сега покренуваат „дисциплински“ постапки против засегнатите обвинители. Иако ова е позитивен развој, гостопримството сè уште не е покриено и внатрешните правила за подароци треба да се ревидираат за да се обезбедат идентични прагови за протоколарни подароци. Во однос на парламентарците, бројни ветувачки иницијативи, како што е развојот на новиот Кодекс на однесување на пратениците и поврзаните нови насоки, моментално се во полн ек на спроведување. Земени заедно, овие документи обезбедуваат соодветна рамка за промовирање на интегритетот и водење на етичкото однесување на пратениците во однос на прашања како што се конфликт на интереси, односи со лобисти, подароци итн. Сепак, и двата документа треба да бидат рафинирани и рационализирани за да бидат поразбирливи, да се елиминираат непотребните содржини, да се обезбеди поголема јасност и конзистентност и појасно да се одделат важечките правила од објаснувањата и примерите. Дополнително, сè уште не се назначени механизми за следење на усогласеноста и давање совети. Исто така, се чини дека Комисијата за деловнички, мандатни и имунитети на Националното собрание, одговорна за спроведување на важечкиот Кодекс, сè уште не ги извршува своите функции во оваа област. На крај, презентираните статистики се чини дека демонстрираат поефикасна имплементација на системот за декларација на имот од страна на трите професионални групи. Државната комисија за антикорупција врши поголем број административни проверки, што овозможи да се идентификуваат „процедуралните“ прекршувања во форма на неуспех да се поднесе изјава за имотна состојба навреме. Сепак, не е пријавено длабинско разгледување на имотните листови на сите пратеници, судии и обвинители и информациите за спроведувањето на системот за декларација на интереси се достапни на ГРЕКО само за некои членки. На крајот, ГРЕКО ги повикува властите на Северна Македонија да одобрат, што е можно поскоро, објавување на извештајот, да го преведат на националниот јазик и да го објават преводот. Претходно ГРЕКО, во својот втор извештај за усогласеност усвоен на 80-тиоѕ пленарен состанок (22 јуни 2018) и објавен на 9 август 2018 година по овластување од Северна Македонија, заклучи дека земајта имплементирала или задоволително одговорила на шест од 19-те препораки содржани во Извештајот за евалуација на четвртиот круг. Со оглед на овој резултат, ГРЕКО смета дека ова многу ниско ниво на имплементација на препораките е „глобално незадоволително“, во смисла на Правилото 31, став 8.3, од неговиот Деловник. Затоа, одлучи да го примени член 32, став 2.1, од овие Правила, кој се однесува на членовите кои не ги почитуваат препораките содржани во Извештајот за меѓусебна евалуација. Во својот Привремен извештај за усогласеност (GrecoRC4(2020)4) усвоен на својот 85-ти пленарен состанок (25 септември 2020 година) и објавен на 2 октомври истата година по овластувањето од Северна Македонија, ГРЕКО заклучи дека оваа земја имплементирала или постапила задоволително за девет од 19-те препораки содржани во Извештајот за евалуација на четвртиот круг. Од преостанатите препораки, осум беа делумно имплементирани, а две не беа спроведени. Со оглед на постигнатиот напредок, ГРЕКО заклучи дека нивото на усогласеност престана да биде „глобално незадоволително“. Затоа, одлучи повеќе да не го применува правилото 32 од својот Деловник и побара од Шефот на Делегацијата на Северна Македонија да подготви извештај за напредокот постигнат во имплементацијата на преостанатите препораки (т.е. препораките од i до v, xii , xiv до xvi и xviii) најдоцна до 30 септември 2021 година. Овој извештај, поднесен навреме, послужи како основа за подготовка на овој втор Привремен извештај за усогласеност ГРЕКО ги избра Ерменија и Данска да назначат известувачи за процедурата за усогласување. Така беа назначени г-ѓа Мариам Галстијан, во име на Ерменија, и г-дин Андерс Дирвиг Рехендорф, во однос на Данска. Известувачите ја имаа помошта на Секретаријатот на ГРЕКО за изготвување на овој Додаток на вториот Извештај за усогласеност. тг/аа/

Остани поврзан