• сабота, 23 ноември 2024

Извештајот за работата на Судскиот совет пред собраниска Комисија: Поднесени 71 барање за утврдување на одговорност за судија или претседател на суд против 123 судии

Извештајот за работата на Судскиот совет пред собраниска Комисија: Поднесени 71 барање за утврдување на одговорност за судија или претседател на суд против 123 судии

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Во текот на 2023 година на дневен ред пред Судскиот совет биле ставени вкупно 473 претставки од граѓани и правни лица за работата на судовите и судиите, од кои разгледани се 74 проценти. Од разгледаните над 88 проценти или 349 претставки биле неосновани, додека 10 отсто или 41 претставка основани. Две претставки биле делумно основани и една претставка е повлечена од подносителот, се вели во извештајот за работата на Судскиот совет во 2023 година што денеска е пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Како основ за поднесување на претставките, согласно спроведените анализи, во Извештајот се констатира дека од вкупниот број на претставки по кои расправал Советот најголем е бројот на претставки во кои подносителите изразуваат незадоволство од утврдената фактичка состојба, односно изнесуваат жалбени наводи и бараат преиначување на веќе донесената одлука на судот или утврдување на поинаква фактичка состојба од веќе утврдената фактичка состојба од судот.

Во дел од претставките се изнесени наводи кои се однесуваат на одолговлекување на постапката пред судот, за непочитување на предвидените законски рокови за преземање на процесни дејствија на донесување, објавување и изготвување на судските одлуки и сл.

Подносителите во дел од претставките сметаат дека судиите во текот на постапувањето по одделни предмети неправилно го примениле законот, односно сториле повреда на процесниот или материјалниот закон и постапиле нестручно и несовесно во вршење на судиската функција.

За основаните претставки за кои Советот констатирал пропусти во работата на судијата, понатаму постапува координаторот определен со Годишен распоред за работата на тој суд и се следи работата на судијата, со што доколку се констатира одредена состојба, таквото постапување на судијата може да биде основ член на Советот да иницира постапка за утврдување одговорност, заради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Од анализата на претставките поднесени по судови произлегува дека најголем број се однесуваат на работата на судовите на апелационото подрачје Скопје.

Како подносители на претставките се јавуваат физички лица, правни лица, невладини организации и здруженија на граѓани, сојузи, адвокати итн.

Од основните судови најмногу претставки има за Основниот граѓански суд Скопје – 68, потоа следи ОС Охрид – 23, ОС Гостивар – 22 и ОС Битола и ОС Кавадарци по 16. 

Советот постапувал и по претставки препратени на надлежност од други државни институции од кои најбројни биле од Министерството за правда – 14, по 8 од ДКСК и Агенции при Влада, две од Народниот правобранител и една од Јавното обвинителство. Советот постапувал и по три анонимни претставки.

Во текот на 2023 година, биле поднесени 71 барање за утврдување на одговорност за судија или претседател на суд против 123 судии. Од нив отфрлени се 38 барања против 68 судии, додека за една е донесена одлука за запирање.

Советот во 2023 година нема донесено одлуки за разрешување на судии/претседатели на судови поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, додека на четворица судии им изрече дисциплински мерки и тоа:  

Намалување на плата во висина од 15% од месечната плата во траење од три месеци, за судија што не се изземал и постапувал и одлучувал по предмети во кои полномошник на странка бил адвокатот кај кого била вработена негова ќерка.

Намалување на плата во висина од 20% од месечната плата во траење од шест месеци, на судија што без оправдани причини ги одолговлекувал постапките и покрај околноста што се работи за предмети кои се итни, притворски и од јавен карактер.

Намалување на плата во висина од 20% од месечната плата на судија во траење од шест месеци за судија кој што не се изземал иако неговата ќерка била вработена кај полномошникот на тужениот во предметите, со што предизвикал тешки последици кои се манифестираат на повреда на правото на правично судење од непристрасен суд и создавање недоверба кај граѓаните во судството, со што е нарушен угледот на судството.

Намалување на плата во висина од 30% од месечната плата во траење од шест  месеци за судија што намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, така што во еден предмет двапати е наложена исплата на истите досудени трошоци, еднаш од Буџет на РСМ и повторно од судски буџет, додека по пет предмети судијата донела одлуки и пред истите да бидат правосилни ги доставил до Државно правобранителство на РСМ со цел доброволна исплата на трошоците кај ослободителните и одбивателните пресуди, а по петнаесет кривични предмети судијата на записник консттаирал дека е запрена постапката, но не донел формална одлука за запирање на постапката.

Еден судија поминал само со писмена опомена за повреда сторена со намера или очигледна небрежност по вина на судијата без оправдани причини. 

Судовите во 2023 година не успеале да го совладаат приливот на предмети и го зголемиле заостатокот на предмети. Од статистичките извештаи за работата на судовите, произлегува дека во 2023 година од 34 судови, ажурни биле 13, неажурни 21, од кои 3 апелациони судови и 18 основни судови.

Советот во текот на 2023 година одржа 44 седници, кое укажува на зголемување на седниците одржани во 2022 година (35).

-Една од основните заложби на Советот е финансиско одвојување на судската власт од другите власти, односно залагање за зголемување на процентот на Судскиот буџет во однос на Бруто домашниот производ од сегашните 0,3% на годишно ниво на законски определените 0,8 % од Буџетот за судска власт, се вели во извештајот за работата на Судскиот совет за 2023 година.

Во текот на 2023 година избрани се вкупно 42 судии и тоа двајца врховни, 10 апелациони и 32 судии во основните судови низ земјава, додека утврден е престанок на судиската функција за 46 судии.

Советот поради потребата од судии во одредени основни судови, исто така, донел одлука за времено упатување на 22 судии, најдолго за време од една година. 

Според извештајот 75 проценти од судскиот буџет се за човечки ресурси. Бројот на вработени во судската власт на 31.12.2023 година изнесува 2.611 лица, од нив 392 се судии, 1825 судски службеници, 43 административни службеници и 188 работници во судовите. Судска полиција се 140.

Во календарската 2023 година за функционирањето на Судскиот совет се потрошени вкупно 55.754.633 денари или околу 905 илјади евра, од кои 47.033.504 денари (околу 763 илјади евра) за плати и надоместоци од плата.

Како препораки во Извештајот се наведува да се спроведат активностите предвидени во Акцискиот план за спроведување на препораките на Европската унија упатени до Судскиот совет на РСМ во утврдените временски рамки, со кое ќе се имплеметираат во целост дадените препораки во Извештајот на Оценската мисија на ЕУ кои се во надлежност на Советот,  како и да се преземат активности во насока на имплементација за надминување на нотираните состојби во Извештајот за Република Северна Македонија за 2023 година, објавен од Европската комисија, особено заложбата на Советот за заштита на интегритетот, независноста и професионалноста на судиите и на институцииите и спротивставување на секое надворешно влијание. аа/нд/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан