• понеделник, 23 декември 2024

Избрани над 36.000 добитници на бесплатни билети за патување преку „Истражи ја ЕУ“ 

Избрани над 36.000 добитници на бесплатни билети за патување преку „Истражи ја ЕУ“ 

Брисел, 10 јануари 2024 (МИА) – Во рамки на иницијативата „Истражи ја ЕУ“, финансирана од програмата „Еразмус+“, избрани се вкупно 36.318 млади Европејци на возраст од 18 години, кои ќе добијат бесплатни билети за патување, со цел да се запознаат со различностите на Европа, да се информираат за нејзиното културно наследство и историја и да се поврзат со луѓе од целиот континент. 

Избраните „патници низ Европа“ се меѓу 144.038-те млади луѓе кои се пријавија на конкурсот на „Истражи ја ЕУ“ распишан лани во октомври

Добитниците на бесплатните билети ќе може да ги искористат за патување низ Европа, главно со воз, во периодот од март 2024 до мај 2025 година. 

Според еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова, иницијативата „Истражи ја ЕУ“ нуди единствена можност да се замине на незаборавно патување низ европските земји, каде што „секоја станица создава нови односи и ја истакнува повеќеслојната убавина на Европа“.  

- До сите млади авантуристи кои зачекоруваат на ова извонредно патување порачувам: секоја локација нека ги прошири вашите перспективи, секоја интеракција нека го збогати вашиот дух и секоја средба нека остави траен спомен, додаде Иванова. 

Право на учество на овој конкурс на „Истражи ја ЕУ“ имаа млади луѓе од земјите опфатени со програмата „Еразмус+“, меѓу кои е и Северна Македонија, родени во периодот помеѓу 1 јануари и 31 декември 2005 година.  

Иницијативата „Истражи ја ЕУ“ покрај доделувањето на бесплатни билети, вклучува и информативни обуки пред поаѓањето на патувањата и дружења низ цела Европа. сп/

Фото: ЕУ

Остани поврзан