Гоцевски: Делчево чекори кон збратимување со три италијански општини
- Меморандумот за соработка е постигнат за време на повеќедневната посета на Италија и Словенија и отвора можности за економска, културна и институционална размена
Делчево, 13 април 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, за време на неколкудневната работна посета на Италија и Словенија, заедно со делегација од општината, постигна значаен чекор во насока на меѓународна соработка.
Како што информираше преку објава на социјалните мрежи, потпишан е меморандум за соработка и иницирање на процес на збратимување меѓу Општина Делчево и трите италијански општини – Родино, Монфорте д’Алба и Новело.
-Со овој меморандум се отвораат можности за продлабочување на економските, културните и општествените врски, како и за развој на заеднички иницијативи меѓу институциите, бизнис заедницата, училиштата и граѓанските организации, истакна Гоцевски.
Документот предвидува формализирање на збратимувањето, размена во областа на културата, туризмот и економијата, како и поттикнување на партнерства што ќе придонесат за локален развој.
Гоцевски истакна дека овој чекор претставува почеток на ново партнерство кое ќе донесе нови можности и ќе ги зајакне врските меѓу заедниците.
Иницијативата, како што нагласи, симболично се реализира во пресрет на велигденските празници, како порака за нови почетоци, заедништво и напредок. вс/рп/
Фото: Фејсбук профил на градоначалникот на Општина Делчево