• недела, 22 декември 2024

Ивановиќ Кастаред за МИА: Непрепознавањето на формите на родово базиранo насилство води кон нивно непријавување

Ивановиќ Кастаред за МИА: Непрепознавањето на формите на родово базиранo насилство води кон нивно непријавување

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) - Насилството, кое остава видливи траги, односно физичкото насилство е најчесто препознаената форма во земјава, што не е случај со психичкото и економското насилство, демнењето, сексуалното вознемирување и говорот на омраза насочен особено кон жените во политичкиот и јавниот живот. Во време на глобална дигитализација се создадоа и нови форми на насилство преку интернет.

Раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред во интервју за МИА нагласува дека непрепознавањето на формите на насилство води кон нивно непријавување.

-На пример, принуда за сексуални односи во бракот, во нашето општество се смета за „обврска“ на жената, додека тоа е кривично дело. Психолошкото насилство, од манипулирање до малтретирање и создавање чувство на вина кај жртвите е широко распространето. Економската зависност на жртвите од сторителот се дополнителна причина за непријавувањето, бидејќи честопати тие немаат каде да одат и немаат средства за живот, како и за грижа за децата доколку ги имаат. Затоа е важно да се работи на економско зајакнување и реинтеграција на жртвите за тие да можат да застанат на свои нозе и да излезат од кругот на насилството, порачува Ивановиќ Кастаред во интервјуто во кое разговаравме за кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ во Северна Македонија, но и генерално за состојбите во земјава во оваа сфера.

Таа се осврнува на податоците од анкетата на ОБСЕ од 2019 година, кои покажуваат дека само два проценти од жените изјавиле дека го пријавиле во полиција најсериозниот инцидент на насилство од сегашен партнер, 21 проценти пријавиле насилство извршено од претходен партнер, а 28 отсто пријавиле насилство од непознато лице. 

За досегашните ефекти од кампањата, која во земјава се спроведува од 2014 година, а глобално од 2008 година, вели дека се видливи преку измените во законските прописи со додавање на различните форми на насилство и предвидување соодветен одговор на институциите кон сторителите на родово базирано насилство.  

Во интервјуто таа говори за измените во Кривичниот законик, кои се воведоа оваа година, со кои се дефинираат различните форми на насилство, при што во семејното насилство, покрај физичкото сега се опфатени и психолошкото и економското, а додадена е и дефиниција на родово базирано насилство врз жена и во голем број на кривични дела доколку делото е сторено при вршење на родово базирано насилство, тоа се смета за отежнителна околност.

 „16 дена активизам против родово базирано насилство“ почна на 25 ноември на Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и девојчињата и ќе трае до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. Глобалната тема оваа година е „Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата“ (UNITE! Invest to prevent violence against women and girls).

-За да се случат суштински промени во општеството потребно е време, како и за да се стигне до препознавање и намалување на насилството. За време на 16-те дена, сите ние кои работиме на оваа проблематика, како и сите чинители во државата, обединети креваме глас против родово базираното насилство и преку различни активности допираме до народот. Но, нашата работа трае цела година, не само 16 дена. Апелирам секоја жена и секој маж активно да зборува и да се бори против родово базирано насилство во текот на целата година, порачува Ивановиќ-Кастаред во интервју за МИА.

Во продолжение следува целото интервју со раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред:

Почна кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ во Северна Македонија. Што ќе биде фокусот оваа година? 

-На 25 ноември - Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и девојчињата почна кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која трае сѐ до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. Во земјава, кампањата се одбележува од 2014 година наваму, а во глобални рамки од 2008 година под брендот „Обединете се“ (UNiTE), на иницијатива на Генералниот секретар на Обединетите нации. Глобалната тема оваа година е „Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата“ (UNITE! Invest to prevent violence against women and girls).

Изминативе девет години и годинава, кампањата традиционално се подготвува и спроведува во партнерство со сите агенции на Обединетите нации во земјата, со Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а целта е да ја подигне колективната свест во борбата за спречување на родово базираното насилство. Оваа година кампањата кај нас е под мотото „Охрабрена и заштитена“ со идеја да се испрати охрабрувачка порака до жртвите на родово базирано насилство истото да го пријават кај надлежните тела, а дополнително и да се потенцира зголемената заштита која ја овозможија новите промени во Кривичниот законик од февруари 2023 година, преку кои се препознаени повеќе форми на родово базирано насилство и истите сега се третираат како кривични дела.

Пораките од кампањата се насочени кон целото општество, со апел до жртвите и до оние кои се сведоци на насилство да не го толерираат истото туку да преземат акција и да пријават. Тука се потенцира и потребата од поддршка од семејството, пријателите и околината, за секоја една жртва да може да се охрабри да го пријави насилството. Придружбата на жртвата кога го пријавува насилството е дополнителен елемент кој е многу значаен, имајќи ги предвид стравот, осудата од околината, несигурноста на жртвата за исходот, како и во некои случаи недоверба за процесот кој следи по пријавувањето на насилството.

Какви активности се планирани оваа година?

-Почетокот на кампањата 16 дена активизам почна со претставата „Работи за кои не зборуваме“ во режија на Нела Витошевиќ, која се одржи во Македонскиот народен театар токму на Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и девојчињата, 25 ноември. Инаку претставата е базирана на интимни сведоштва, емотивни приказни и лични монолози кои поттикнуваат дијалог за работите за кои не зборуваме јавно. Оваа претстава дава глас на недоволно искажаните општествени предизвици и поттикнува важни разговори за родовите стереотипи, патријархатот, традиционалните верувања, родовата дискриминација и насилството врз жените. Публиката веројатно ќе препознае случки од секојдневниот живот, од ситуации со кои се соочиле тие самите или пак нивните најблиски роднини или пријатели. Важно е да зборуваме гласно и јасно за спречување на сите форми на родово базирано насилство, а со самото тоа се става темата во фокусот на вниманието, се поткрева јавната свест и се осудуваат сторителите.

Покрај централниот настан за одбележување на почетокот на кампањата, во текот на 16-те дена ќе се одржат повеќебројни активности организирани од меѓународната заедница, граѓанскиот сектор, како и институциите, ширум целата земја. Тука се предвидени прикажувања на гореспоменатата претстава во Штип и Битола, настани со заедниците во неколку градови во државата кои вклучуваат дебати, ораторски натпревари, прикажување на филмови и работилници со различни групи на граѓани, како и преку кампања на социјалните мрежи на Фејсбук страната „Стави точка“ и учество во ТВ програми со цел актуелизирање на темата.

Повеќе години се одржува оваа кампања во земјава. Дали  досега има постигнато некаков ефект врз промена на општествените текови во однос на препознавање, но и намалување на насилството? 

-За да се случат суштински промени во општеството потребно е време, како и за да се стигне до препознавање и намалување на насилството. За време на 16-те дена, сите ние кои работиме на оваа проблематика, како и сите чинители во државата, обединети креваме глас против родово базираното насилство и преку различни активности допираме до народот. Но, нашата работа трае цела година, не само 16 дена. Апелирам секоја жена и секој маж активно да зборува и да се бори против родово базирано насилство во текот на целата година. Ефектите се видливи преку промената во законските прописи како што беше промената на Кривичниот законик, со додавање на различните форми на насилство и предвидување соодветен одговор на институциите кон сторителите на родово базирано насилство. Тука треба да се напомене и значењето на меѓународните договори кон ваквите заложби, како на пример Истанбулската конвенција, посебно од аспект на усогласувањето на домашното законодавство со меѓународните стандарди и законски рамки. 

Навистина е важно да се информираат ранливите категории на граѓани и граѓанки за тоа кои се сервисите за превенција и заштита, а и што подлежи на законска санкција. Важно е децата од своја најмала возраст да се едуцираат, правилното домашно воспитување треба да продолжи во образовниот систем, за градење нови генерации, кои ќе бидат ослободени од стереотипи и предрасуди, ќе имаат почит кон сите луѓе, свесни дека насилството не е прифатливо, за да не станат потенцијални сторители на насилство во иднина. За борбата против насилството врз жените клучна улога имаат и медиумите, кои покрај информативна имаат и едукативна функција. Тие влијаат во обликувањето на јавното мислење. Па затоа, потребно е да се промовира еднаквоста меѓу мажите и жените, а за таа цел, неопходна е соработката со новинарите и новинарките, како и нивна едукација за родово сензитивно и родово одговорно известување и употреба на родово сензитивен јазик.

Борбата против сексуалното и родово – базирано насилство на интернет е главна цел на проектот кој во наредните 18 месеци ќе го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во с

Истанбулската конвенција стапи на сила во 2018 во земјава, а во Кривичниот законик се инкриминираа различни форми на родово базирано насилство. Кој е вашиот осврт за нивната имплементација?

-Во последниве години, Владата посвети особено внимание на прилагодување на законската рамка и развивање стратегии и акциски планови за превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство, вклучувајќи ги и политиките за унапредување на родовата еднаквост. Преземени се големи чекори напред преку донесувањето на Законот за превенција и заштита од насилство врз жени и семејното насилство, во јануари 2021. Овој закон вклучува дефиниции за „насилство врз жени“, „пол“, „родово базирано насилство врз жени“, „жртва“ и „жени“. Тие се преземени од Истанбулската конвенција и според тоа се целосно во нејзина согласност. Во законот се регулира принципот на должно внимание, се утврдуваат надлежностите на сите релевантни институции од централно и локално ниво, како и невладиниот сектор.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, попозната како Истанбулската конвенција предвидува воведување на сервиси соодветни за сите форми на родово базирано насилство, но и преземање на обврската за одржливо финансирање на овие сервиси од Буџетот на државата. Бројот на специјализирани сервиси и бројот на места сѐ уште не е доволен. Исто така важно е да се воспостават сервиси кои ќе бидат достапни за жени со попреченост, како и сервиси достапни на другите јазици кои се зборуваат кај нас. Потребно е да се вработи дополнителен персонал, соодветно обучен за препознавање и постапување во однос на различните форми на родово-базирано насилство. 

Годинава се усвоија и измените на Кривичниот законик. Се воведе дефиниција за сексуално насилство и силување врз основа на отсуство на согласност. Во Кривичниот законик сега како кривични дела се внесени демнењето и преку користење на интернет, сексуалното вознемирување и осакатувањето на женските полови органи. Исто и сексуалното вознемирување, кое може да биде вербално, невербално, физичко и преку технологија. Потоа, во семејното насилство, покрај физичкото, сега се опфатени и психолошкото и економското. Во Кривичниот законик се додаде и дефиниција на родово базирано насилство врз жена, и во голем број на кривични дела, доколку делото е сторено при вршење на родово базирано насилство, тоа се смета за отежнителна околност. Исто така, поголема затворска казна се одредува доколку делата силување и демнење се извршат од сегашен или поранешен брачен или интимен партнер. Се воспостави и Национално координативно тело кое вклучува учество и на граѓанското општество. За ефикасно спроведување на одредбите од Кривичниот законик потребни се буџет и човечки ресурси, а потребно е да се обучат и сите останати, релевантни чинители.

null

Дали во земјава се препознаваат различни форми на родово базирано насилство врз жените? 

-Ако ги земеме предвид поразителните податоци дека на светско ниво сѐ уште една од три жени е жртва на родово базирано насилство, значи дека промените во свеста се одвиваат бавно. Последниве години, како последица од животот за време на Ковид пандемијата и во услови на глобална економска криза, во многу делови од светот се одвиваат и регресивни процеси во поглед на родовата еднаквост, а се бележи раст на насилството врз жените и девојчињата, како и продлабочување на системската дискриминација врз жените. Факт е дека борбата за искоренување на насилничкиот однос кон жените трае долго, но не смее ни за момент да се отстапи од неа. Притоа, суштински дел од тие напори е прво да се препознае насилството, во сите негови форми. 

Најчесто се зборува и препознава  само насилството кое остава видливи траги – физичкото насилство, но не и на пример, психолошкото насилство, економското насилство, демнењето, сексуалното вознемирување, како и говорот на омраза насочен особено кон жените во политичкиот и јавниот живот. Во време на глобална дигитализација се создадоа и нови форми на насилство преку интернет. Поривот да се обвини жртвата, недостиг на поддршка, дури и од најблиските, третирање на проблемот како семејно прашање, како и повеќекратната виктимизација од страна на околината и институциите на која многу често  се подложени жените кои преживеале или трпат насилство, го отсликува ниското ниво на свест и солидарност за овие прашања. За сексуалното насилство не се зборува лесно и повторно тенденцијата да се обвини жртвата дека „провоцирала” е сѐ уште присутно, како и стигматизација на жртвата наместо осуда на сторителот. А тоа ја отежнува и превенцијата на родово базираното насилство и справувањето со последиците од него.

Табу тема се уште е семејното насиство, особено во помалите средини, како впрочем и секој друг вид насилство, бидејќи стравот од тоа што ќе каже на сето тоа малограѓанската околина, ако дозна

Сексуалното и семејното насилство се најдоминантни видови насилство врз основа на полот, но во земјава статистиките низ годините покажуваат дека многу малку случаи се пријавуваат, дали според ваше мислење тоа се должи на конзервативната средина или пак на недовербата во институциите?

-Да, точно е тоа дека многу малку случаи на насилство врз жените се пријавуваат. Податоците од анкетата на ОБСЕ од 2019 година ни покажуваат дека само два проценти од жените изјавиле дека го пријавиле во полиција најсериозниот инцидент на насилство од сегашен партнер, 21 проценти пријавиле насилство извршено од претходен партнер, а 28 отсто пријавиле насилство од непознато лице. 

Како што спомнав, за жал, живееме во општество каде родовите стереотипи се сѐ уште длабоко вкоренети, се толерира и недоволно се препознава насилството врз жените. Поделбата на улогите на мажот и на жената во и надвор од домот, како и ставот дека семејното насилство е приватна, семејна работа и дека жените се подредени на мажите, сето тоа придонесува кон продлабочување на проблемот. Покрај тоа, стигмата што го опкружува сексуалното насилство и силувањето и високите нивоа на секундарна виктимизација што ја доживуваат жртвите што го пријавуваат насилството или силувањето, резултира со ниски стапки на пријавување на овие кршења на основните човекови права и достоинството на жртвите. 

Исто така, непрепознавањето на формите на насилство води кон нивно непријавување. На пример, принуда за сексуални односи во бракот во нашето општество се смета за „обврска“ на жената, додека тоа е  кривично дело. Психолошкото насилство, од манипулирање до малтретирање и создавање чувство на вина кај жртвите е широко распространето. Економската зависност на жртвите од сторителот се дополнителна причина за непријавувањето, бидејќи честопати тие немаат каде да одат и немаат средства за живот, како и за грижа за децата доколку ги имаат. Затоа е важно да се работи на економско зајакнување и реинтеграција на жртвите за тие да можат да застанат на свои нозе и да излезат од кругот на насилството. 

Затоа испраќам порака: Сите жени и мажи да го кренат својот глас против родово базирано насилство, да се охрабрат и поддржат жртвите, а да се осудат и казнат сторителите.

Ана Цветковска

Фото: Канцеларија на UN Women- Северна Македонија/МИА архива 

Остани поврзан