• понеделник, 23 декември 2024

Ибраими: Нашата програма го гарантира развојот на Арачиново

Ибраими: Нашата програма го гарантира развојот на Арачиново
Скопје, 1 октомври 2021 (МИА) - Правилно управување со водоводната мрежа во Арачиново и снабдување со вода за пиење од браната во Липково за селата Орланце, Грушина и Мојанце, како и интервенции во инфраструктурата, санација на патишта и бекатонизација на улички и тротоари се дел од проектите во изборната програма на кандидатот за градоначалник на Општина Арачиново на ДУИ, Ридван Ибраими. - Една зелена општина,како што е и нашата Зелена агенда, е приоритет на сите нас, бидејќи мора да ги спроведеме аманетите и обврските што ги добивме и да се придржуваме до петте завети на Демократската Унија за Интеграција, рече Ибраими на денешната прес-конференција. Во областа на инфраструктурата, Ибраими посочи дека ќе се фокусира на правилно управување со водоводната мрежа во Арачиново и снабдување со вода за пиење од браната во Липково. Исто така, приоритет ќе бидат интервенции во инфраструктурата, санација на сите патишта, бекатонизација на улички и тротоари, атмосферска канализација на патиштата, регулирање на главниот пат како булевар во Арачиново. Ибраими посочи дека ќе се насочи и на подобрување на условите во сообраќајот и зголемување на безбедноста во сообраќајот и изградба на патот Груштина-Никуштак, во соработка со општина Липково. - Образованието и создавањето подобри услови за развој на образовниот процес останува еден од нашите приоритети. Во оваа област предвидуваме реконструкција на образовните објекти, со што ќе се подобрат хигиенско-санитарните услови и имплементација на проекти за зголемување на енергетската ефикасност во сите населени места каде што ќе се појави потреба. Исто така, ќе инвестираме во културата на локално ниво, рече Ибраими. Како што додаде, фокусот ќе биде ставен и на иницијатива за создавање народни групи за деца со цел зачувување на културната традиција, изградба на библиотека во Арачиново, континуирана поддршка за организирањето на историскиот настан на 24 јуни, но и организирање традиционална средба со дијаспората на Општина Арачиново. - Зелената агенда предвидува побогата животна средина. Во областа на животната средина предвидуваме регулирање на фекалната и атмосферската канализација во Арачиново, преместување на депонијата од Арачиново, садење дрвја, како и проширување на зелените површини во центрите и приградските населби, рече кандидатот градоначалник на Општина Арачиново. Тој напомена дека во текот на четиригодишниот мандат ќе создадат подобри услови за граѓаните кои ќе можат да користат подобри здравствени и социјални услуги. - Пуштање во употреба на амбулантата 24 часа во Арачиново и нејзина целосна реконструкција, помош за лица во ризик, преку обезбедување на билети за автобуси, осигурување на храна, лекови..Нашата програма предвидува многу други проекти во различни области, кои заедно со вас ќе можеме да ги реализираме откако ќе ja добиеме довербата на локалните избори на 17 октомври, додаде Ибраими. бт/сп/

Остани поврзан