• вторник, 05 ноември 2024

Зоран Димитровски: Мора да го зајакнеме мониторингот и евалуацијата на трошењето на буџетски пари

Зоран Димитровски: Мора да го зајакнеме мониторингот и евалуацијата на трошењето на буџетски пари
Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Државниот завод за ревизија е независна институција и врши многу значајна улога за одговорно, отчетно и транспарентно владеење. Неговата улога во иднина ќе јакне се повеќе, меѓу другото и со предвидената промена на легислативата со која ќе се гарантира имплементација на наодите од ревизиските извештаи заради промена и подобрување на политиките во различни институции на државно и на локално ниво, рече заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски на денешната конференција за Националните капацитети за евалуација што се одржува во италијанскиот град Торино. На конференцијата, организирана од Независната канцеларија за евалуација, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Глобалната иницијатива за евалуација, учествуваат околу триста претставници од повеќе од 100 земји од сите пет континенти, а во македонската делегација се и главниот државен ревизор Максим Ацевски, директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, претседателот на Советот на град Скопје, Трајко Славевски и претставници на УНДП – Канцеларијата во Скопје. - За разлика од многу други земји од светот, Македонија ја има привилегијата со тоа што е на европскиот континент, на Балканот, еден ден да стане членка на Европската унија, за што е отворена фазата на почеток на преговорите. Процесот зависи од повеќе фактори, но најмногу и од домашните капацитети за трансформација, а да се биде земја членка на ЕУ, значи да се користат фондови од повеќе милијарди евра за инфраструктурни проекти, за структурно приспособување во повеќе области со стандардите на Европската унија и значително подобрување на животниот стандард на граѓаните, подобро здравство, поквалитетно образование... Тоа истовремено значи и усвојување на највисоките стандарди за евалуација, соодветно планирање, имплементација и оценка на ефектите од работата на институциите од државната и локалната власт, заради отчетно, транспарентно, одговорно и ефикасно трошење на буџетските пари за одржлив развој на национално и локално ниво, рече Димитровски. Според него, во подобрување на стандардите за евалуација, на македонската Влада од огромна помош и се искуствата на Програмата за развој на Обединетите нации која спроведува повеќе проекти во земјава, како актуелниот „Зајакнување на општинските совети“ што го финансираат швајцарската Влада и Министерството за локална самоуправа, а го кофинансира и спроведува УНДП. мч/сп/

Остани поврзан