• петок, 22 ноември 2024

ЗНМ: Онлајн малтретирањето и заканите кон Лепа Џундева и други новинарки се неприфатливи

ЗНМ: Онлајн малтретирањето и заканите кон Лепа Џундева и други новинарки се неприфатливи

Скопје, 6 јуни 2024

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост за говорот на омраза кон новинарите, особено новинарките, на социјалните мрежи во земјава. Овој вознемирувачки тренд претставува сериозна закана за слободата на медиумите и ги поткопува демократските вредности и принципи што ги поддржуваат Македонија и нејзините меѓународни партнери. Дополнително ваквите притисоци создаваат чувство на несигурност и предизвикуваат самоцензура во медиумскиот простор.

ЗНМ и ССНМ денеска упатија заедничко писмо до странските амбасади и организации во земјава со особена загриженост во контекст на интернет заканите и нападите врз новинарките.

Последен сериозен случај на закани и поттикнување на говор на омраза на социјалните мрежи беше со колешката Лепа Џундева од ТВ 24, а поврзано со нејзиното интервју со грчкиот пратеник Сиригос. Дел од ова интервју, извадено од контекст, на својот Фејсбук профил објави Богдан Илиевски, ТВ водител на вечерна емисија, со што поттикна говор на омраза и закани кои можат да доведат до насилство. Некои онлајн медиуми како Off.net.mk ја продолжија кампањата за оцрнување кон Џундева, користејќи ја нејзината слика на социјални мрежи со што дополнително се испровоцираа лични навреди, повици за омаловажување како и експлицитни закани по животот на новинарката од страна на трети лица кои коментираат на овие објави.

За овој случај ЗНМ вчера поднесе официјално барање за кривично постапување до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР преку правен застапник во име на колешката Џундева. Оттука, го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да ги преземе сите мерки за расчистување на овој случај, а од ОЈО очекуваме брзо процесуирање и ригорозни казни за оние кои објавуваат закани по животот на медиумските работници.

ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека онлајн заканите и говорот на омраза на социјалните мрежи може да претставуваат сериозна загрозување на безбедноста. Апелираме до граѓаните да се воздржат од закани кон новинарите и медиумските работници, бидејќи таквите постапки претставуваат кривични дела за кои можат да следат и затворски казни.

Здружение на новинари на Македонија

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото МИА архива

Остани поврзан