• недела, 22 декември 2024

ЗНМ и ССНМ: Остра осуда за скандалозната одлука за воведување на цензура од страна на ,,Слободен печат”

ЗНМ и ССНМ: Остра осуда за скандалозната одлука за воведување на цензура од страна на ,,Слободен печат”

6 јули 2023 

Здружението на новинарите на Мaкедонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ја осудуваат срамната постапка од страна на медиумот ,,Слободен печат” да избрише текст кој го уредил и објавил колегата новинар и уредник Жарко Настоски.  

Станува збор за текст со наслов „Владата полутајно му дозволила на милионерот Дестани да ги спои концесиите за рудник во Струмичко“, кој што беше објавен на 05.07.2023 (среда) од страна на ,,Слободен печат”, а во кој се пишува за тоа дека владата дозволила спојување на концесиите за рудниците во Иловица и Штука во Струмичко. Неколку часа по објавувањето текстот беше избришан, а линкот беше неактивен. 

Ваквата срамна постапка сама по себе претставува скандал и грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство. 

Новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции, бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс во кој јасно стои дека новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес.

Оттука сакаме да потсетиме дека цензурата во Македонија е забранета со Устав и тоа е јасно пропишано во членот 16 од Уставот на РСМ. 

ЗНМ и ССНМ како еснафски организации кои ги штитат правата и интересите на новинарите и медиумските работници во земјава му даваат целосна поддршка на колегата Настоски и потенцираме дека неговата реакција на оваа цензура е пример за одбрана на новинарскиот интегритет. 

ЗНМ и ССНМ со своите адвокатски тимови стојат на располагање на колегата Настоски за бесплатна правна помош.

Здружение на новинарите на Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки. 

Фото: ЗНМ 

 

Остани поврзан