• сабота, 23 ноември 2024

Значително намален бројот на предвремено родени бебиња во земјава, од 25 проценти во 2016 година на 8,2 отсто оваа година

Значително намален бројот на предвремено родени бебиња во земјава, од 25 проценти во 2016 година на 8,2 отсто оваа година
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Од 25 проценти смртност на предвремено родени бебиња во 2016, бројката е значително намалена во 2022 година на 8,2 отсто. Токму со набавка на најсовремена опрема, посветеност на Министерството за здравство, Светската здравствена организација, УНФПА и УНИЦЕФ за развој и имплементација на планот за пред натална грижа, постигнавме значително унапредување, односно намалување на смртноста на предвремено родените бебиња, изјави министерот за здравство Беким Сали на денешното одбележување на 17 ноември – Светски ден на прематуритетот, што се одржа на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. - Паралелно, бележиме и пад на пред наталната смртност од 14,8 проценти во 2018 година на 9,2 проценти во 2021 година. На ГАК во изминатиов период се инвестирани 2,2 милиони евра за унапредување на третманот на бремени жени и новороденчиња. Продолжуваме и со инвестициите во зајакнување на кадарот, имајќи ја предвид специфичноста и сензитивноста на оваа дејност. Со програмата за специјализација, само за оваа година се предвидени нови шест супспецијализации на ГАК, во повеќе области, исто така, предвидени се и три нови специјализации, истакна Сали. Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска истакна дека и оваа година Клиниката успешно ја заокружува работата со намалена смртност на новороденчиња. - Намалувањето на смртноста на новороденчињата се должи на навистина големиот ангажман пред сè на целиот персонал од интензивна нега и сериозната инвестиција во опрема и персонал. Изминатите пет години се инвестирани огромни средства во опрема. Клиниката успешно се справи и со пандемијата. Тоа што е значајно за овој ден е дека дури и во услови на пандемија, Одделението за интензивна нега продолжи да работи со успех. Првата година од пандемијата завршивме со 11 отсто смртност на предвремено родени бебиња за да и низ пандемијата имаме континуиран пад и годинава е 8,2 проценти, вели д-р Јовановска. Д-р Рената Димитриовска, раководител на одделение за интензивна нега и терапија при ГАК истакна дека и покрај сите достигнувања во опремата и знаењето, прематуритетот останува глобален проблем и водечка причина за смртност на деца до петтата година, додека преживеаните деца сè уште се борат со тешки компликации по здравјето. - Нужност и општествена потреба е да продолжи опремувањето на интензивната нега, организацијата, да има доволно кадар и експертиза за лекување на овие деца кои се практично нашата надеж, порача д-р Димитриовска. Д-р Елизабета Петковска, раководител на одделение за специјална нега при Клиниката за гинекологија и акушерство во своето обраќање посочи дека и во време на КОВИД успеале да воведат уште еден скрининг на децата, а продолжуваат и со планирање и следење на овие дечиња. - Наредно е заживување на кенгурирањето. Во оваа прилика сакам да го потсетам министерот, да биде тргната забраната за посета, овие деца заслужуваат да бидат кенгурирани, за подобар раст и развој, додаде д-р Петковска. сх/ки/

Остани поврзан