• понеделник, 18 ноември 2024

Берово единствена општина која има сеопфатна отвореност на буџетскиот процес, најголемиот дел од општините со минимална отвореност

Берово единствена општина која има сеопфатна отвореност на буџетскиот процес, најголемиот дел од општините со минимална отвореност

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) – Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, денеска го презентираше извештајот за Индексот на отвореност на општините за 2023 година ширум земјава, кој ја прикажува актуелната состојба на транспарентноста, правичноста и отчетноста во буџетските процеси на општините.

Како што информираше извршниот директор на ЗМАИ Виктор Митевски, Општина Берово е единствената општина која има сеопфатна отвореност на буџетскиот процес, што е прв случај откако е воспоставен индексот, но сепак, како што рече, најголемиот дел од општините покажуваат минимална, односно недоволна отвореност на буџетските процеси.

– Генерално како земја имаме подобрување во континуитет сите четири години од кога го мериме Индексот, но она што е интересно и важно да се напомене е дека оваа година за првпат имаме општина која што постигна сеопфатна отвореност, односно општината успеала да има постигнување над 80 индексни поени или во просек во сите три области кои ги мериме – транспарентност, отчетност и правичност. Општина Берово е единствената општина, која за првпат од кога го имаме воспоставено индексот обезбедува сеопфатна отвореност, истакна Митевски.

Според извештајот на ЗМАИ, транспарентноста и отчетноста во просек се на доволно ниво, но тоа не е случај со вклученоста на граѓаните и правичноста на општините. 

Митевски посочи дека дури 68 отсто од општините имаат недоволна вклученост и правичност, а повеќе од половина, односно 53 отсто имаат доволна отчетност, додека пак, 41 отсто од општините имаат доволна транспарентност.

Позитивно е, додаде, дека има напредок на ниво на сите измерени димензии, но сепак, вели, напредокот не е доволен. Митевски нагласи дека потребно е граѓаните да го гледаат Буџетот како свој и нивните барања да бидат поддржани од општините.

– Она што секогаш нѐ изненадува е ниското ниво на вклученост и правичност во буџетскиот процес на општините. Потребно е граѓаните да го гледаат Буџетот како свој, а општините да им дадат простор да ги кажат своите барања и да ги поддржат проектите. Ваквите истражувања прават притисок на општините за позитивен натпревар, секое мерење ги поттикнува општините да бидат подобри, додаде Митевски. ра/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан