• недела, 22 декември 2024

Земјоделците бараат до 22 денари за пченицата, да нема нови цени на лебот среде откуп

Земјоделците бараат до 22 денари за пченицата, да нема нови цени на лебот среде откуп
Прилеп, 27 јуни 2022 (МИА) - На прагот на жетвата на лебното зрно, Асоцијацијата на земјоделците на Македонија од откупувачите бара цена од 20 до 22 денари за килограм, а доколку среде откуп сакаат да се зголеми цената на лебот, ќе се бара и повисока цена. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ветуваат дополнителни субвенции за есенската сеидба. Ова од Асоцијацијата го истакнаа на средба вечерва на земјоделците од Пелагониско со министерот за земјоделство Љупчо Николовски одржана во Долненско. Според Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија разговорите со откупувачите за цената не се почнати. - Наше барање е дополнителна субвенција за есенската сеидба. Верувам дека ќе најдеме решение и за зелената нафта. Што се однесува до откупната цена на пченицата, исплатлива цена е од 20 до 22 денари за килограм. На пример, ако од еден килограм брашно се произведувата три векни леб или според цената од 40 денари по векна, изнесува 120 денари. Секогаш оди по една третина за една страна. Млинарите, односно откупувачите и производителите на леб да не сфатат посериозно како земјоделци. Бараме од нив да добиеме авансно плаќање на пченицата. Средствата ни се потребни за вештачки ѓубрива, за нафта. Ако инсистираат со уште недооткупена пченица да ја зголемат цената на лебот, тогаш ние ќе останеме на ставот да добиеме една третина од целосната цена на брашното, а тоа се 40 денари. Се уште немаме разговори за цената на пченицата, реалната цена е 20 до 22 денари за килограм откупена пченица. А таа цена ќе зависи од продажната цена на лебот. Ако сакаат да ја зголемат, тоа го прават од нашето производство, изјави Стојкоски. Министерот Николовски вели дека годинава се очекува прооизводство на ниво на ланското, преку 255 000 тони пченица. Со националната програма за производство на храна се прееземаат сите мерки да се стимулира домашното производство. Нема место за паники, нагласува, а за количествата што ќе се купат за стоковите резерви зависи од ребалансот на буџетот. - Нашите проценки се дека ќе имаме над 255 000 тони пченица. Тоа е просекот и од лани за 73 000 хектари. Сметам дека поголем дел од потребите задоволуваме, треба да се фокусираме на квалитетот. Очекуваме високи откупни цени поради растот на трошоците и сметаме дека мора да се обезбеди доволно жито за домашните потреби. Тоа се пораките кои ги праќаме и до трговците и до откупувачите. Токму затоа е националниот фонд и интервентниот фонд преку кој доделуваме 50 насто за зелена нафта, 40 насто за поддршка за набавка на вештачки ѓубрива што ќе продолжи како поддршка и во есенската сеидба. Со националниот план целта ни е да станеме што помалку увозно зависни за стратегијските култури и да го зголемиме и да го одржиме домашното производство. Будно ќе ја следиме жетвата на пченицата која ќе почне деновиве. За домашните резерви на пченица, ќе бидат дадени насоки во наредниот период. Откупот за државните резерви зависи од ребалансот на буџетот со кој се предвидени дополнителни 4 милиона евра. Затоа повикуваме ребалансот да биде усвоен за да може да се отворат инструментите за набавка на стоковите резерви, за да може да се исплатат штетите од невремето, субвенциите, за да воведеме авансна сиплата на субвенциите во висина од 30 насто, за да го продолжиме новиот интервентен фонд за набавка на зелена нафта, вештачки ѓубрива. Овој ребаланс направивме да биде за производство на храна за домашните потреби, изјави Николовски. ем/цр  

Остани поврзан